1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цвангираи се повлекува од вториот круг

Клаус Штекер23 јуни 2008

Пет дена пред планираниот втор круг, водачот на опозицијата во Зимбабве порача дека изборите немаат смисла кога во земјата владее насилство и масовно заплашување насочено против приврзаниците на опозицијата.

https://p.dw.com/p/EOYS
Лидерот на опозицијата Морган Цвангираи на прес-конференцијата во ХарареФотографија: AP

Притисокот врз партијата на опозицијата, Движење за демократска промена, во последниве денови стана преголем . Како последен во серијата инциденти беше оној кога лица вооружени со стапови го запоседнаа стадионот во близина на Хараре, каде опозиционото движење требаше да одржи митинг. Тие претепаа голем број членови на движењето, но и новинари кои им се најдоа на патот. Овој инцидент се случи со отворена поддршка на озлогласената специјална полиција и армијата. Веднаш потоа лидерот Морган Цвангираи излезе пред печатот и порача:

„Нашата партија донесе одлука да не учествуваме понатаму во оваа насилна и противзаконска лакрдија.“

Осум причини за повлекување

Цвангираи наведе и осум причини за тоа, поврзани со државниот терор против неговото движење: 86 жртви за време на изборната кампања, 10.000 повредени, 200.000 протерани и 20.000 уништени домови на негови приврзаници. Цвангираи ги повика ОН и земјите од Африка да го спречат потенцијалниот геноцид и да се погрижат во наредните недели да можат да се одржат фер и слободни избори. Актуелниот претседател Роберт Мугабе возврати брзо преку министерот за информации:

Robert Mugabe Wahl Simbabwe
Мугабе не се откажуваФотографија: AP

„Мугабе ќе победеше со голема разлика во вториот круг на изборите, тоа го увиде движењето на опозицијата и затоа се повлече. На тој начин меѓутоа му го одзема законското право на народот да му изрази недоверба на Морган Цвангираи.“


Има ли решение за кризата?


Повеќемина африкански лидери последниве денови вршеа голем притисок врз движењето на опозицијата да се повлече од претседателските избори. Она што тие го посакуваат е решение по теркот на она во Кенија, каде беше создадена влада на национално единство. Тоа го предложи и опозицијата во Зимбабве, но побара да ја води новата влада. Со повлекувањето на Цвангираи, сега 84-годишниот Мугабе останува на претседателската функција. Тој впрочем на викендот порача дека само Господ може да го смени од функцијата.