Хјуман рајтс воч: Во Европа се влошени човековите права
22 јануари 2012„Хјуман рајтс воч“ е загрижен за четири тенденции во Европа – ограничувањето на граѓанските слободи во земјите што вовеле антитерористички мерки, дебатите за местото на малцинствата и имигрантите во Европа, растечкото влијание во политиката на популистички и екстремистички партии, како и намалената ефикасност на традиционалните институции за заштита на човековите права.
Во извештајот се наведува дека на исток, во Унгарија, Романија, Бугарија, Чешка и Словачка, ситуацијата е жална, поради насилните напади и антиромската реторика, како и поради незначителниот напредок во спречувањето на уништувањето на нивните живеалишта, како и училишната сегрегација, и покрај тоа што стотици милиони евра од фондовите на ЕУ се слеваат во земјите и покрај одлуките на Европскиот суд за човекови права.
На Косово малку подобро
Во однос на ситуацијата со човековите права на Косово се оценува дека таа е малку подобрена во 2011-та година, додека малцинствата и понатаму се маргинализирани и соочени со дискриминација.
Во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ се наведува дека „косовските Роми, Ашкали и Еѓипќани се и понатаму маргинализирани и подложни на дискриминација“ и се додава дека во тие етнички групи е забележана најголема невработеност, напуштање на училиштата и најголема стапка на смртност. Во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ се наведува и дека, според податоците на косовското обвинителство, во првите девет месеци од минатата година се пријавени 60 меѓуетнички инциденти. Според податоците од УМНИК, тие инциденти во најголем дел биле мали, но имало и сериозни напади и убиства.
Северна Рајна Вестфалија го запре враќањето на косовските граѓани поради страв
„Хјуман рајтс воч“ наведува и дека според извештај на УНХЦР, Србија и Косово во 2010-та година дале најголем број на баратели на азил во индустријализираните земји, што се припишува на визната либерализација за Србија и економските проблеми и дискриминацијата на малцинствата во Косово. Во извештајот се забележува дека депортираните косовски граѓани од Западна Европа живеат во неформални населби без вода и струја.
Во извештајот се нагласува дека германската покраина Северна Рајна Вестфалија го запрела враќањето на барателите на азил назад во Косово, поради страв за нивната безбедност.
Автор: Александар Методијев /бета/миа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска