1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170609 Russland China Hu

18 јуни 2009

За време на посетата на кинескиот претседател во Москва беше демонстрирано руско-кинеско единство. Во фокусот на разговорите со руското раководство беа теми од економијата, од енергетиката и од светската политика.

https://p.dw.com/p/ISYJ
Ху Ѓинтао и Дмитриј МедведевФотографија: AP

Државната посета на кинескиот претседател започна во целост под знакот на хармонија - од сите страни беше нагласено дека руско-кинеските односи се добри, а стратегиското партнерство треба да биде проширено.

Ху Ѓинтао прво се состана со рускиот премиер Владимир Путин, и тука акцент беше ставен врз економски и енергетски прашања. „Нашите односи се имуни на политички и економски осцилации, и покрај светската стопанска и финансиска криза“.

Билатералниот трговски волумен, во првиот квартал годинава, опадна за 42 процента, но Ху и Путин искажаа увереност дека веќе наскоро ќе може да биде запрен тој негативен развој. Ху зборуваше за постигнатата согласност за обемна соработка во нафтениот сектор. Треба драстично да биде проширена и испораката на струја од Русија во Кина. Проблеми и натаму има кај гасот. Рускиот монополист „Газпром“ не може да се договори со кинеската страна околу цената, а последица од тоа е оддолжувањето на испораките, планирани за 2011 година. Но, преговорите ќе продолжат.

Нови импулси во соработката

Manmohan Singh, Dmitry Medvedev, Chinese Hu Jintao, Luiz Inacio Lula da Silva,
Фотографија: AP

На разговорите кај претседателот Дмитриј Медведев стана збор за темата, која во моментов е омилена кај обете страни - смената на американскиорт долар како светска референтна валута. „Главна цел не е само да се одржи нивото на соработката меѓу нашите две држави, туку и да и’ се дадат нови импулси. Посебно важна и, денес, актуелна задача е воведувањето на нашите национални валути во меѓусебните калкулации. Договоривме да направиме натамошни чекори во таа насока“, рече Медведев.

Русија и Кина, во заедничката изјава, ја повикаа Северна Кореја колку што е можно поскоро да се врати на преговарачка маса. Обете страни го сметаат атомскиот потенцијал на Пјонгјанг како загрозување на меѓународната безбедност.

Ху и Медведев не се искажаа во однос на спорот околу иранската атомска програма. Тие само апелираа до раководството во Техеран дека Иран мора да прифати конструктивен дијалог. Земјата мора веродостојно да увери дека нуклеарната програма има намера да ја користи само за цивилни цели.

Автор: Штефан Лаак / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска