1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хум - најмалиот град на светот

Н. Штрингел / А. Методијев18 септември 2013

Најмалиот град на светот е на Балканот, а од неодамна и во ЕУ. Станува збор за хрватскиот средновековен град Хум. Неговите 25 жители се надеваат на пари од ЕУ за заштита на овој необичен град.

https://p.dw.com/p/19HjO
Фотографија: DW

Во внатрешноста на Истра е неговото родно место. Александар патува дома - кон Хум. Тој се погрижи да обезбеди брашно за својот ресторан од едно соседно место. Тој е еден од 25-те жители на најмалиот град на светот.

„Да, ми значи и драго ми е што живеам во такво место кое има такво значење, тоа што многу луѓе од целиот свет доаѓаат овде и што Хум стана познат во целиот свет“, вели Александар Мерлак, гостилничар во Хум.

Малиот Хум за првпат е споменат во некој документ во 12-от век. Ѕидина, кула и црква - во Хум има сѐ што може да се најде во еден стар град. Католиците во Хум до денес ги одржуваат древните ритуали. Кој тука на дрвото има најмногу цртки, тој ќе биде градоначалник. Гласачите одрежуваат цртка на дрвениот колец на својот фаворит. Така еднаш годишно се гласа во Хум и тоа само за мажи. Жените се исклучени од гласањето и кандидирањето.

„Зошто гласаат само мажите? Тоа и ние се прашуваме. Таква беше традицијата“, вели Франко Благониќ, поранешен градоначалник на Хум.

Од први јули Хум припаѓа на ЕУ. А, таму не се гледа позитивно на тоа жените да бидат искучени од избирачкото право, дури иако градоначалничкото место е без моќ. Нерина сето ова не го зема на срце. Со 80 години таа е најстарата жителка и тука доживеала многу избори на градоначалник.

„Мислам дека - да. И реков и на внука ми Јасмина дека би можела да се кандидира за градоначалник, бидејќи е вистинска за тоа. Ми се смееше“, вели Нерина Благониќ, најстара жителка на Хум.

Хум е многу популарен меѓу туристите. Најголем дел од нив доаѓаат од Германија и Австрија. Дури и ако студената истарска супа од црвено вино не е за секого, градот ги воодушевува најголем дел од луѓето со својот шарм.

„Од овие големи камења некогаш е направен Хум и тој е останат зачуван главно во својата изворност. Тоа вистински фасцинира. Кај нас нема вакво нешто“, вели Јозеф Затингер, германски турист.

Kroatien EU Beitritt Flaggen Symbolbild
Жителите на Хум се надеваат и на повеќе пари од ЕУ, но и на поголем број странски туристиФотографија: picture-alliance/AP

Во Хум се опуштени, дури и во однос на влезот во ЕУ. Во минатиот век неговите жители доживеале различни промени на власта. Најпрво тие припаѓале на Италија, а потоа на Југославија. Некои од нив со загриженост се потсетуваат на комунизмот. Денес грижите за повторно влегување под заеднички покрив се поинакви. Дејан стравува дека Хум би можел да ја загуби оригиналноста.

„Ако во процесот на привлекување повеќе луѓе и повеќе пари изградиме објекти кои не се во хармонија со она што во прв ред ги привлекува луѓето, тогаш ние ќе го уништиме истиот ресурс од кој живееме“, објаснува Дејан Станиќ, жител на Хум.

Така веројатно туристите повеќе не би го нашле она што денес тука многу го ценат. Две третини од Хрватите на референдумот пред година и половина гласаа за влезот на земјата во Европската унија.

„Јас гласав ЗА, затоа што мислев дека можеби е најдобро за Хрватска да влезе во Европската унија, со тоа што сега кога дојде кризата и кога почна да врие во цела Европа, мислам дека има и малку скептицизам“, вели Александар Мерлак, гостилничар во Хум.

На дуќаните во изолираниот Хум и натаму им оди добро. Во продавниците за сувенири најбарана е ракијата од имела. Марина работи овде за да си ги финансира студиите по германистика во пограничниот град Трст. Таа сакала членството во ЕУ да дојде уште побргу.

„Јас морав на почетокот на секоја академска година да собирам многу документи и потоа да ги преведам. А, тоа е многу, многу скапо. Со влезот сите овие работи повеќе не постојат“, вели Марина Рабак, студентка во Трст.

Хрватска е исправена пред промени, како што е и изолираната внатрешност на полуостровот Истра. Повторно луѓето треба да се навикнат на нови структури, а и во иднина да ги спроведуваат законите донесени во далечниот Брисел.

Но, во најмалиот град на светот жителите отсекогаш се бестрашни. Веројатно тие тоа го имаат научено од џиновите, кои според легендата го имаат изградено Хум со камења кои останале од градењето на другите градови во долината Мирна.