1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

280110 USA Haiti

29 јануари 2010

Катастрофалниот земјотрес на Хаити предизвика бран солидарност од меѓународната заедница, во прва линија од големиот сосед, САД. Зад хуманитарните причини за големиот ангажман се кријат и интереси на САД.

https://p.dw.com/p/LlR1
Претседателот на Хаити, Рене Превал со американската министерка за надворешни работи, Хилари КлинтонФотографија: AP

„Ние, САД, нудиме секаков вид помош што е во наша моќ: нашата дипломатија, развојна помош, моќта на нашата армија и што е најважно - сочувството на нашата земја“, порача веднаш по земјотресот претседателот Барак Обама и вети пакет мерки вреден 100 милиони долари.

Американскиот ангажман за и на Хаити претставува константа во политиката на САД. Десетте илјади војници, кои моментално се грижат за редот и мирот на Хаити се вообичаена појава за тамошното население. Така американските маринци влегоа во Хаити во 2004 година за да го истераат омразениот претседател Жан-Бертран Аристид, откако населението се крена на масовни протести против него поради злоупотреба на функцијата и корумпираност. Само десет години пред тоа, во 1994 година, американските маринци му помогнаа на истиот Аристид да дојде на власт, протерувајќи ја воената хунта.

Испреплетени мотиви

Ангажманот на САД во Хаити од секогаш претставува комплицирана комбинација од хуманитарни побуди и сопствени интереси. Оливер Глих, експерт во Институтот за Латинска Америка при Хумболт универзитетот во Берлин, вака ја оценува сложената поврзаност меѓу најбогатата и најсиромашната земја во тој дел од светот. b „Во прва линија станува збор за хуманитарна одлука на Обама, но таа е во исто време и порака до сопствените избирачи. Не смееме да заборавиме дека претходникот на Обама, Џорџ Буш имаше големи пропусти при беснеењето на ураганот Катрина во Луизијана во 2005 година. Голем дел од тогашните жртви беа црнци, а тие се природните поддржувачи на Обама.“

Erdbeben in Haiti - Stellungsnahme von Obama
Обама зборува за помошта за Хаити во присуство на поранешните претседатели Клинтон и БушФотографија: AP

Освен тоа САД стравуваат дека Хаити како ослабена држава би можел да се претвори во нов канал за дилерите на дрога.

Неоколонијализам или не?

Експертот Глих засега не гледа неоколонијални мотиви за американскиот ангажман на Хаити, туку посочува дека помошта од големиот сосед наидува на големо добредојде како од владата, така и од населението на Хаити: „Хаити практично ја расформира армијата поради лошите искуства со воената хунта од минатото. Тие имаат само полициски сили, кои прво и самите беа погодени од земјотресот, но кои ионака не беа во состојба да ракуваат со тешки машини неопходни за расчистување на урнатините. Американската армија беше најпогодна да ја затвори дупката како во технички, така и во безбедносен смисол.“

Конечно, САД во повеќе наврати го искористија своето влијание и во меѓународните организации за да му помогнат на Хаити. Само минатата година ММФ, под притисок на САД, му отпиша на Хаити долгови во вредност од 1,2 милијарди долари. Слични суми ќе бидат и сега неопходни за справување со природната катастрофа и нејзините последици.

Автор: Даниел Шешкевиц/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска