1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Хуманитарна операција”- Пет години од НАТО бомбардирањето на Југославија

24 март 2004

"Хуманитарна интервенција" , така НАТО го означи почетокот на воздушните напади на Југославија на 24 март 1999 година. Со бомбардирањето , Слободан Милошевиќ требаше да биде присилен да запре со воените и полициските акции против албанското цивилно население на Косово.

https://p.dw.com/p/AcOe
Воздушни напади - Белград
Воздушни напади - БелградФотографија: AP

Aмериканскиот претседател Бил Клинтон на 24 март таа 1999 година соопшти дека во косовскиот конфликт се исцрпени сите дипломатски сретства:

“ Силите за безбедност на САД и нивните НАТО партнери, започнаа воздушни напади на воени цели во поранешна Југославија”-рече Клинтон.

Косово десет години пред тоа.

Слободн Милошевиќ ја укина автономијата на провинцијата на југот на Србија , и оттогаш косовските Албанци започнаа да ги копаат темелите на сопствената држава. Тие самостојно организираа парламентарни избори и референдум на кој 99 насто од гласачите се изјаснија за независност на Косово. За време на војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина, во Приштина владееше само привидно затишје.

Тоа беше затишје пред бура. Во 1996 година самонаречената Ослободителна Војска на Косово или УЧК , за првпат започна со нападите врз српските полициски станици. Две години подоцна значи во 1998 година , започна отворена војна. Меѓународната кризна група за Балканот се обиде да го спречи тоа а Обединетите Нации во таа насока усвоија резолуција. Сето тоа меѓутоа не можеше да ја запре спиралата на насилство. Судирите се ширеа. Илјадници косовски цивили беа во бекство и зборуваа за етничко чистење и масакри.

Последната надеж беше конференцијата на српските и косовските претставници во февруари 1999 година во француското место Рамбуе. Меѓутоа, конференцијата заврши без резултати, исто како и разговорите малку подоцна во Париз. Слободан Милошевиќ не беше подготвен на компромис , со кој борбите би биле окончани и на Косово би му биле одобрена поголема автономија.

На 24 март, првите НАТО бомбардери , ги започнаа воздушните напади на цели во Југославија. Во бомбардирањето активно учествуваа и германските борбени авиони од типот “Торнадо”. Беше тоа почеток на првиот воен ангажман во историјата на Бундесверот. Кога сојузниот канцелар Герхард Шредер соопшти дека нападите започнале , тој беше изложен на притисокот на партиската база во својата Социјалдемократска Партија потоа коалициониот партнер зелените но и граѓаните.

"Ние не водиме војна, но ние сме повикани во Косово да постигнеме мирно решение , меѓудругото и со воени сретства”-зборуваше тогаш

Шредер.

Белград во тој момент започнува со масовно протерување на косовските Албанци . Бранот на бегалци ги преплави патиштата кои водеа во правец на Македонија и на Албанија.

Стратезите во НАТО и натаму се надеваа на една кратка воена операција: две до три недели бомбардирање и тогаш Милошевиќ ќе попушти. Како претходно во Босна. Меѓутоа Миошевиќ играше на картата -време: Тој се надеваше дека Владите на земјите членки на НАТО , колку подолго трае војната , ќе започнат да се откажуваат од неа , поради се поголемиот протест на населението.

Нападите на НАТО меѓутоа не запираа – и покрај катастрофалните грешки за време на бомбардирањата. Една бомба погоди албански конвој бегалци, друга ја урна зградата на кинеската амбасада во Белград . Во жаргонот на НАТО , цивилите убиени по грешка беа колатерална штета. Неколку држави членки на Алијанста, повеќе не исклучуваа ниту влегување на копнени трупи , што за германската Влада беше многу чувствителна тема:

“Централна цел од аголот на гледање на германската Влада , беше да се спречи копнена операција. Тоа така мораше да биде бидејќи копнените операции можеа да водат кон растурање на црвено/ѕелената коалиција”- истакнува експертот за Косово Рафаел Бирман.

Кон крајот на март од Белград започнаа да пристигнуваат сигнали дека Милошевиќ е подготвен да попушти. На 10 јуни беше се готово. По речиси 80 денови и повеќе од 37 илјади воздушни напади тогашниот Генерален Секретар на НАТО Хавиер Солана соопшти:

“ Пред неколку минути заедно со генералот Вели Кларк наредивме запирање на воздушните напади на Југославија“.