1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска и Србија „нема да оздрават“ наскоро

Борис Рабреновиќ/БГ29 ноември 2013

Најконтроверзниот театарски режисер на просторите на поранешна Југославија, Оливер Фрљиќ во разговор за ДВ ги коментира актуелните случувања во Хрватска и Србија и говори за својата нова претстава.

https://p.dw.com/p/1APvi
Фотографија: privat

Го нарекуваат усташ, четник, предавник, или најблаго речено - провокатор. Хрватскиот режисер Оливер Фрљиќ во изминатите години во речиси сите нови држави во регионот подигна голема прашина. Претставите со кои длабоко и болно продира во заболените пори на општеството се опишуваат како скандалозни. Во истовреме, се нижат и бројни награди. За некои, тој сепак е најуспешниот режисер на Балканот, кој театарот го претвора во место на општествена одговорност.

Во Белград се занимаваше со убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, со жртвите од Сребреница, а во Сплит со хрватските воени злосторства над српското население, во Босна и Херцеговина со националната омраза. Не се штедеше ни себе, ниту своето семејство. Во претставата „Ја мразам вистината“, за која вели дека е најлична приказна, пред публиката изнесуваше трауматични епизоди од своето семејно минато.

Во моментов Фрљиќ се занимава со едно друго семејство - со семејството Зец. Поточно со убиството на тоа српско семејство, Михајло, Марија и нивната 12-годишна ќерка Александра во 1991 година, за кое вели дека е најголемата дамка врз Татковинската војна.

Kroatien Referendum Ehe 23.05.2013
Референдум за бракот во ХрватскаФотографија: STR/AFP/Getty Images

Во Хрватска се во тек подготовки за референдум околу тоа дали бракот ќе биде уставно дефиниран како заедница на маж и жена. Кое е Вашето мислење?

Фрљиќ: Дискриминацијата е запишана во самите темели на Република Хрватска. Со Божиќниот Устав од 1990 година, Србите престанаа да бидат народ и станаа национално малцинство. Она што денес се случува во Хрватска е последица на таа иста политичка логика која Уставот го користи за пресметка: без разлика дали со нелојалниот национален елемент, или од гледна точка на официјалното католичко лицемерие, со нелојалните облици на сексуално однесување. Значи, во хрватската варијанта, Уставот се сфаќа како легитимација за непречено изживување на мнозинството над малцинствата. Здружението „Во име на семејството“, само се обидува да го реализира она што мнозинството во хрватското општество го мисли. Единствено попоразително од овој имбецилен референдум е фактот дека воопшто постои законска можност граѓаните на тој начин да се изјаснуваат за укинувањето на правото на едно малцинство.

Во тек е и иницијатива за одржување уште еден референдум, со кој треба да се забрани употребата на кирилицата таму каде што Србите не сочинуваат повеќе од половина од населението. Дали таквиот референдум би бил израз на демократија?

На тој референдум единствена цел му е кршење на правата на српското малцинство, а притоа со него да се доведе во прашање и правото на другите малцинства, на пример италијанското во некои градови во Истра. Идејата за тој референдум не треба да изненадува кога е можно, како што неодамна се случи во Вуковар, една експозитура на ХДЗ, која има парамилитарни елементи, да оневозможи слободно движење на премиерот и на претседателот на државата. Тој мини-пуч беше директен напад врз уставниот поредок. Од „балван револуција“ стигнавме до лампион- револуција.

Колку Вашиот уметнички ангажман и театарот воопшто можат да влијаат врз општеството?

Театарот не може да трансформира општество како што е хрватското, општество кое ги первертираше демократските механизми во средство за најлоши видови на дискриминација на еден дел од своите граѓани. Театарот не може да стори многу ни во општество како што е српското, во кое оние кои создаваа клима во која можеше да се случи атентат врз Ѓинѓиќ, денес го водат истото тоа општество и се претставуваат како проевропски перјаници. Меѓутоа, театарот сепак може да создаде разлика, разлика која не е водена со принципите на реалната политика и сѐ она што тој поим го означува.

Serbien Dacic und Vucic Kranz für den Ex Premierminister Djindjic
Ивица Дачиќ и Александар Вучиќ на гробот на Зоран ЃинѓиќФотографија: Reuters

Зошто со својата работа секогаш ставате прст во раната? Дали, според вас, тоа е единствениот пат за заздравување на едно општество?

Тешко е да се верува дека овие општества набрзо ќе заздрават. Нивните национални атавизми избиваат постојано. Можеби првичното прашање е што ја создало раната, а не дали треба да се става прст во неа?

Зошто денешните пост-југословенски општества не се подготвени за соочување со сопствената одговорност?

Како да очекувате тие општества да се соочат со одговорноста кога беа создадени како резултат на неодговорност - прво на нивните политички лидери, кои ги создадоа низ воени судири, разорувања, неброени човечки жртви, кршење на основните човекови права, а потоа и на нивните гласачи, кои за таквите политики на почетокот на 1990-тите години им дадоа демократска легитимација. Словенија, првата југословенска република која се осамостои, својата државотворност ја запечати со бришење на 25.671 лица од регистарот за постојан престој. Тоа беше исклучиво одмазда кон оние граѓани кои не покажаа доволно лојалност кон новосоздадената држава преку барање на нејзино државјанство. Хрватска, со агресијата на делот од територијата на БиХ покажа дека не ја интересира водењето на одбранбена војна, туку поделба на една соседна и суверена држава. Србија, по сите уништувања кои ги предизвика, по Сребреница и Вуковар, по сите војни кои во изминатите децении ги водеше и ги загуби, на крајот ги избра токму оние кои беа идеолошки креатори и реализатори на таквата политика - СПС и она што денеска се вика СНС.

Kroatien - Regisseur Oliver Frljicauf einer Domonstration in Zagreb
Оливер Фрљиќ на демонстрации во ЗагребФотографија: privat

Како ги коментирате пласманот на СП на хрватската фудбалска репрезентација и поздравот на Шимуниќ до навивачите?

Хрватската фудбалска репрезентација, а и голем дел од националниот спорт, отсекогаш кокетирале или ја поддржувале онаа идеологија која Шимуниќ отворено ја поздрави. Потсетете се на головите кои актуелниот претседател на Хрватската фудбалска федерација, Давор Шукер, своевремено му ги посветуваше на претседателот Туѓман. Истиот тој Давор Шукер се сликаше на гробот на Анте Павелиќ. Националистичките испади на Ќиро Блажевиќ е тешко и да се пребројат. Славен Билиќ своите играчи ги мотивираше со песни на Томпсон. Ивица Костелиќ својата спортска подготвеност ја споредуваше со подготвеноста на нацистички војник. Игор Штимац, до неодамна национален селектор, меѓу првите го даде потписот за распишување на референдумот за бракот. Примери има безброј и во нив поздравот на Шимуниќ претставува континуитет на различните видови на нетрпеливост. Единственото што се смени е односот на дел од медиумите кои до пред некоја со тоа немаше да имаат никаков проблем.