1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска знае зошто ја вика Соња Бисерко

Ивица Петровиќ / Александар Методијев15 ноември 2013

Најавата дека Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, ќе биде сведок на Хрватска против Србија пред Меѓународниот суд на правдата за геноцид, ги разбранува страстите во Белград.

https://p.dw.com/p/1AHhB
Фотографија: DW

Белградските медиуми објавија дека Соња Бисерко ќе биде сведок на Хрватска во процесот за геноцид против Србија, покренат пред Меѓународниот суд на правдата. Инаку, и Србија покрена контратужба за геноцид против Хрватска пред истиот суд. Таа вест е тешко официјално да се потврди, со оглед на правилата на трибуналот и на судската пракса за заштитени сведоци. Самата Соња Бисерко ниту ја демантираше ниту ја потврди оваа вест, а сето она што им го соопшти на белградските медиуми беше дека за тоа не може да зборува.

Со оглед на деликатноста на целиот процес и на фактот дека во него се вклучени две држави, информацијата дека како сведок на Хрватска ќе настапи државјанин на Србија ги распламти страстите во Белград. „Протерајте ја оваа жена од Србија“, „Такви луѓе треба да се презираат“, „Соња Бисерко сега би ја закопала земјата во која се образувала и која ја храни со леб“, „Бисерко е болна и пресметлива личност“ – ова се само дел од новинарските наслови и изјавите дадени на нејзина сметка.

Страните си предлагаат сведоци

Српската јавност остана без одговор на прашањето – како некој станува сведок во ваков процес? Драган Поповиќ, директор на Центарот за практична политика, објаснува за Дојче веле како страните во спорот предлагаат сведоци.

Internationaler Gerichtshof in Den Haag, Klage
Србија и Хрватска пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг ќе се соочат на 03.04.2014 годинаФотографија: AP

„Меѓународниот суд на правдата го нема она што, на пример, го имаат нашите домашни судови, а тоа е сам да ја утврдува вистината. Едноставно, кого ќе го ставите за сведок – тоа е тоа. Судот ја нема таа обврска која е карактеристична за српското право – да се води од начелото за утврдување на вистината без оглед на тоа што странките предлагаат. Така што, овде останува сосема на страните да одредат кого ќе го предложат за сведок“, вели Поповиќ.

Дел од правните експерти во Србија веќе изјавија дека сведочењето на Соња Бисерко не може да има тежина во тој процес, притоа обвинувајќи дека сето она со што Соња Бисерко се занимава се „лаги и паушални оценки“, што пред судот „лесно ќе падне“. Драган Поповиќ истакнува дека не знае на кои околности ќе се однесува евентуалното сведочење на Соња Бисерко, за врз таа основа да се заклучува дека тоа може да има некоја тежина на суд.

„Колку што мене ми е познато од работата на Хелсиншкиот комитет, тие немаат директни сознанија за елементи на кривично дело геноцид. Така што мислам дека тоа повеќе ќе биде, претпоставувам, некоја општа атмосфера, нешто што Хелсиншкиот комитет го истражувал во текот на 90-тите години и така натаму“, смета Поповиќ.

Соња Бисерко како потенцијален сведок би можела на судот да му ги предочи впечатоците од Белград, но и од лице место, оценува за Дојче веле Божо Прелевиќ, адвокат и извршен директор на „Лигата на експерти Лекс“. Станува збор за обемна архива, но клучното прашање е на кој начин тој материјал е собиран и што од тоа ќе се презентира во судот, вели Прелевиќ.

Presse Serbien
Медиумска хајка против Соња Бисерко во српските веснициФотографија: DW

„Значи, таа имала пристап до документите, но се поставува прашање на кој начин таа тоа ќе го презентира. А, Хрватите сигурно нема да ја викаат да презентира нешто што на Хрватска не и’ оди во прилог“, додава адвокатот.

Непримерна хајка

Српската страна би морала многу сериозно да се подготви за овој процес и да не се однесува по системот – лесно ќе го направиме ова, како што е често случај, забележува Прелевиќ.

„Се надевам дека одредени оценки, како тој дека Бисерко се занимава со лаги и дека тоа лесно ќе биде соборено на суд, не се став на врвот на српската држава“, нагласува Прелевиќ, кој додава дека и српската страна може да повика некој сведок од Хрватска, на пример универзитетскиот професор Жарко Пуховски, кој е поранешен претседател на хрватскиот Хелсиншки комитет.

Драган Поповиќ смета дека хајката против Соња Бисерко е потполно непримерна. Тоа е лажна морална дилема дека како државјанин на некоја држава имате обврска да сведочите во полза на кои било постапки на таа држава или, пак, дека сте обврзани да молчите за злосторствата кои евентуално ги направило раководството или некој граѓанин на таа држава, нагласува Поповиќ.

Адвокатот Божо Прелевиќ смета дека нападите на Соња Бисерко се очекувани и дека на српската држава е да оцени дали нејзе поради тоа и‘ е загрозена безбедноста и дали и‘ е потребна дополнителна заштита.