1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Храна или греење - тежок избор за многу Британци

Ларс Беванџер / Александар Методијев22 декември 2013

Илјадници луѓе во Велика Британија се борат со растечките енергетски трошоци. По минатогодишниот рекорд на починати лица од студот, се зголемува притисокот врз владата да ги принуди енергетските компании нешто да сменат.

https://p.dw.com/p/1Ac9s
Фотографија: AP

Се проценува дека 31.000 луѓе починаа минатата зима поради студеното време. Мнозинството од нив живееле во слабо изолирани домови, соочени со скок на цените на гасот и струјата до небесни височини. Луѓето сметаат дека нивните сметки за енергијата се за 150 проценти зголемени во последните десет години, па така некои сега мораат да изберат - ќе купуваат храна или ќе имаат топлина во домот?

„Попрво би умрела од глад отколку да умрам од студ, ако дојде до таму работата. Благодарение на Бога до таму уште не сме стасале“, вели 76-годишната Кет Диксон за Дојче веле. Нејзиниот дом се наоѓа во една од најсиромашните области во Манчестер, е слабо изолиран и е многу скапо да се грее.

„Мора постојано да биде вклучено греењето, преку цел ден, бидејќи имам многу лош артритис. Не смеам да се смрзнувам. Немам избор во оваа работа“, додава таа. Луѓето како неа страдаат, бидејќи цените на енергенсите растат седумпати побрзо од порастот на просечните приходи.

Дома со капи и шалови

Цените на енергенсите во Велика Британија не се над просекот во ЕУ, но проблемот е што еден од пет домови е куќа од цигли изградена на почетокот на 20-от век и во неа се задржува многу малку енергија. Затоа луѓето што живеат во овие куќи го чувствуваат зголемувањето на цените, што се одразува на нивниот домашен буџет.

Großbritannien Energiepreise
Кет Диксон вели дека меѓу греењето и храната би се одлучила за греењетоФотографија: DW/L. Bevanger

Последниот таков удар дојде минатиот месец, кога најголем дел од шесте снабдувачи со енергија ги зголемија цените до 9 проценти, со што сметката за струја и гас на просечното семејство годишно изнесува рекордни 1.573 евра. Но, едно последно истражување покажа дека третина од домовите во Велика Британија сега го намалуваат користењето на струјата и гасот, па така едно од пет семејства во домот почнало да носи шалови и капи, за да се згрее. Еден од четворица, од 2.000-те испитаници, рекол дека крати на храната за да може да ги плати сметките за струја и гас. Секој десетти рекол дека оваа година не може да купи божиќни подароци за семејството.

„Она што сега го имаме е пазар во голем дел котролиран од шест големи корпорации. Разликите во цените меѓу нив се многу мали, а сметките од нив растат од година во година. Многу луѓе страдаат поради тоа“, објаснува за Дојче веле Џо Малиновски од theenergyshop.com, вебстраница која им помага на луѓето да го најдат најевтиниот енергетски провајдер.

Рекордни профити

Großbritannien Energiepreise
Се користат штедливи светилки, но сметките за струја растатФотографија: DW/L. Bevanger

Во меѓувреме, шесте најголеми енергетски компании, кои снабдуваат 98 проценти од домашната енергетска побарувачка во Велика Британија, минатата година регистрираа скок во профитите од 75 проценти.

„Ако ги погледнете профитите што тие ги прават и начинот на кој старите луѓе страдаат, тогаш мислам дека ова е апсолутен срам“, вели старицата Кет Диксон.

Опозициската работничка партија се обиде да профитира од оваа ситуација, па вети дека ќе ги замрзне цените на енергијата во период од две години, ако таа ги освои следните избори, кои ќе се одржат во 2015 година. Конзервативната владина коалиција, предводена од премиерот Дејвид Камерон, рече дека не може да се меша на отворениот, меѓународен енергетски пазар и таму да ги регулира цените.

Џо Малиновски објаснува дека оваа година сметките за струјата и гасот се зголемени не затоа што пораснала нивната цена, туку затоа што „во сметките се додадени социјални и еколошки трошоци“. Се чини дека енергетските трошоци во Велика Британија остануваат трнливо политичко прашање и вистински предизвик за илјадници луѓе.