1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Храната веќе никогаш нема да ја има цената што ја имаше

Анке Хагедорн23 април 2008

Цените на прехранбените намирници растат, меѓународната заедница дебатира, а решение на повидок сеуште нема. Европскиот парламент одржа седница на оваа тема.

https://p.dw.com/p/Dn2i
Европскиот парламент во БриселФотографија: Photo European Parliament/Architects : Architecture Studio

Времето на евтини животни намирници е дефинитивно завршено, вели Луј Мишел, еврокомесар за развој и хуманитарна помош:

„Цените на животните намирници веќе никогаш нема да се вратат на нивото од порано и нивниот натамошен пораст не може да се сопре доколку веднаш не се преземат противмерки. Тоа излегува надвор од можностите на комисијата и на целата ЕУ. Тука треба да реагира целата меѓународна заедница.“

Итна помош и долгорочна неизвесност

Прва краткорочна мерка за ублажување на опасната ситуација, пред се‘ во Африка, е одвојување од страна на Европската комисија на 117 милиони евра за итна помош во храна. Но, пред се‘ важни се долгорочните мерки што треба да се преземат, вели Мишел. Тој е против зголемување на европското земјоделско производство. Она што е потребно, многу повеќе е развој на земјоделството во земјите во развој.

Не се виновни само биогоривата

Германската министерка за развој, Хајдемари Вичорек Цојл, која не е осамена во нејзиниото мислење, е на став дека значајна причина за зголемување на цените е употребата на житарици за био-гориво. Шефовите на држави и влади на ЕУ пред една година донесоа одлука до 2020 година една десетина од потребите за гориво да бидат покриени со биогорива. Најмногу раширено биогориво е течниот етанол, а тој се добива од шеќерна трска, пченка, пченица и други житарици. Претседателот на фракцијата на Европската народна партија, Џозеф Дол, предупредува дека камен не треба да се фрла само на биогоривата: „Тие чинат само 2% од земјоделското производство. Тие 2% треба да ги задржиме и во Европа да го прошириме истражувањето во сферата на земјоделството.“

Многу граѓани на ЕУ се убедени дека виновна за општиот пораст на цените на животни намирници е ЕУ. Брисел со децении плаќаше гарантирани цени, купуваше вишок произведи, поттикнуваше извоз и имаше огромни резерви. Но, на тоа му е дојден крај. Планините од путер и езерата од млеко, кои беа доказ за апсурдноста на европската земјоделска политика одамна се минато. Овие т.н. резерви за интервенција, значи резерви во случаи на промени на пазарот, се драстично намалени. Во 2007 година, првпат по цели 39 години се исцрпени резервите на путер и млеко. За повторно да се поттикне производоството на житарици во ЕУ, министрите за земјоделство на ЕУ, минатата есен донесоа одлука – површините кои во изминатите 15 години мораше да бидат оставени ненасадени, сега да можат повторно да бидат користени од страна на земјоделците. Тоа значи дека жетвата годинава ќе биде зголемена за најмалку 10 милиони тони.

Deutschland Verbraucher Lebensmittel Preise Maisspeicher
Фотографија: AP

Но, тоа според Велика Британија, која со години се залага за реформа , односно за либерализација на европската аграрна политика, не е доволно. Шефот на либералите во Европскиот парламент, Греам Вотсон, нагласи: „Мораме конечно да ставиме крај на протекционизмот во земјоделството и на ограничувањето на извозот. Главна причина за проблемот со цените на животните намирници е аграрната политика на ЕУ, а не биогоривата, и решение ќе донесе реформа на ваквата политика, а не откажување од производството на биогорива.“