1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хојцер в затвор, аферата со местени резултати добива меѓународни размери

14 февруари 2005

Баерн Минхен поразен од Арминија во Билефелд - борбата за шампионската титула останува неизвезна, но настаните на фудбалските терени и на овој викенд се во втор план во однос на случувањата во аферата со режирани резултати. Судијата Роберт Хојцер е в затвор, аферата и натаму се шири и се навестуваат и меѓународни димензии, а веќе се донесени и првите конкретни решенија во врска со натпреварите со режирани р

https://p.dw.com/p/AelS
Роберт Хојцер е веќе „зад решетки“. Какви ли уште тајни скрива?
Роберт Хојцер е веќе „зад решетки“. Какви ли уште тајни скрива?Фотографија: AP

езултати. Неочекуван голем успех на германските алпски скијачи.

Полицијата во Берлин го уапси 25-годишниот Хојцер, нему му се заканува подолго да остане во истражен затвор, а веројатно и подолго време да помине таму издржувајќи казна. “Не е во прашање само една работа; во прашање е нашата доверба во него, дека ни кажал се’. И, кога веќе не е така, тогаш мора да го ставиме во истражен затвор, за да може да се одвива истрагата. А, ако тој направил повеќе отколку што ние досега знаевме од неговите и од искажувањата на другите, тогаш при постоење вакво сомневање казната за него ќе биде повисока, па со тоа сега и опасноста дека тој би можел да се обиде да побегне, е повисока” – ги образложи Хансјирген Карге од Сојузното јавно обвинителство причините за ставање на Холцер во притвор. Обвинителот Михаел Грунвалд смета дека поради учеството во манипулациите на фудбалските резултати заради остварување добивка на спортските обложувалници, оние што ги призна - како и новите сомневања, Хојцер мора да смета на “чувствителна затворска казна”.

Апсењето придонесе за ново заострување на аферата. Во низата обвинувања на негов товар се надоврзува и тврдењето на магазинот “Фокус” дека од тројцата браќа Хрвати, организатори на манипулациите, кои во моментов исто така се в затвор, тој добивал посебни премии за врбување судии – по 5 илјади евра за секој второлигашки, односно 10 илјади за прволигашки судија.

Според пишувањето на “Фокус”, скандалот би можел да има и европски размери. Во текстот се вели дека Хојцер во новите искази во истрагата навестил дека биле манипулирани и натпревари од Купот на УЕФА и конкретно ја спомнал средбата меѓу Панионис од Атина и Динамо од Тбилиси одиграна на 1-ви декември минатата година. На полувремето гостите водеа со 1 спрема 0, на крајот победи домаќинот со 5 спрема 2. Хрватската тројка уште однапред обезбедила добра заработувачка, зашто, наводно според зборовите на еден од браќата, знаела дека натпреварот ќе има токму таков тек. Магазинот “Фокус”, повикувајќи се на исказите на Роберт Хојцер, вели дека влијанието на браќата од Берлин досегнувало до Грција, Хрватска, Австрија и Англија. Со оглед на ваквиот развој на аферата, претседателот на ФИФА Сеп Блатер изврши увид во актите со кои располага Германскиот фудбалски сојуз и најави консеквенции кои се во надлежност на Светската фудбалска асоцијација. Со оваа тема Извршниот комитет на ФИФА ќе се занимава на седницата во март.

Германскиот фудбалски сојуз со писмо ќе бара објаснение од Светската асоцијација во која мера можат да се примена технички средства за пресудување во спорни ситуации. Тука предвид доаѓа вградување чип во фудбалската топка или сензори на гол-линијата, за да се утврди дали решението на судијата било правилно или не, односно да му се помогне да донесе точно решение. Блатер вчера во интервју за германската спортска агенција СИД категорично рече дека се’ додека е тој претседател, нема да биде дозволена видео-снимка како доказ.

Во меѓувреме Германскиот фудбалски сојуз донесе неколку конкретни решенија во врска со аферата, чиј крај се’ уште не може да се согледа. Сојузот вчера формира еден вид кризен штаб, четиричлено тело кое ќе може да донесува брзи решенија во случај на манипулации на фудбалските натпревари. Судијата Торстен Кооп, веројатно еден од судиите што Хојцер настојувал да ги врбува за нечесните работи,е суспендиран затоа што во јануари дознал за манипулациите на Хојцер, но не го пријавил. Конечно, Сојузот и прволигашот Хамбургер, една од жртвите на аферата, зашто беше елиминиран од германскиот куп на средбата со Падерборн со обилна помош на судијата Роберт Хојцер, се договорија за обесштетување во вкупен износ од 2 милиона: 500 илјади евра директно, како и едно гостување на репрезентацијата на Германија во тој град, веројатно против Јапонија или Кина, што треба да му донесе уште еден ипол милион. За возврат, Хамбургер го повлече приговорот за таа куп-средба. Копретседателот на Сојузот Тео Цванцигер навести дека се испитува можноста за преземање правни чекори против Хојцер и другите учесници во аферата заради барање надомест за претрпена штета.

Штета е, секако, и што натпреварите од првенството се потиснати во втор план

А станува многу занимливо: Баерн Минхен вчера е поразен на гостувањето кај Арминија во Билефелд со 3 спрема 1. Домаќинот цели осум години чекаше на ваков успех и сега веќе може мирно да го игра продолжението на првенството бидејќи е на 12 бодови разлика од тимовите што се на местата кои водат во Втората лига. Кај Арминија централна линост на средбата беше Делрон Бакли: “Девет години се обидував да постигнам гол против Оливер Кан – и никогаш на успеав. Денеска оддеднаш тоа го сторив два пати и можам само да бидам пресреќен”. Со овие два гола Бакли салдото го зголеми на вкупно 13 погодоци и е на второто место на листата на стрелците, зад Минтал од Нирнберг, кој постигна 15, а пред Клозе од Вердер, кој забележа 12 погодоци досега во првенството.

Баерн остана на првото место, но само благодарение на подобрата гол разлика од Шалке. “Сега стоиме пред тешки задачи во првенството и во Лигата на шампионите и добро ќе беше со победа да ја одржевме предноста од три бодови. Сега повторно сите ни се приближија и за нас ситуацијата се компликува” – оцени тренерот на Баерн Феликс Магат.

Шалке убедливо го совлада Волфсбург со 3 спрема 0. Вердер по победата над Борусија Менхенгладбах со 2 спрема 0 е на четири бодови зад водечката двојка, а еден бод зад него е Херта Берлин, која го совлада Нирнберг со 2 спрема 1. Заостана Штутгарт, во ова коло поразен од Хамбургер со 2 спрема 1, кого со бројот на бодови го достигна Баер Леверкузен по успехот против Мајнц со 2 спрема 0. Екипите од дното се’ повеќе тонат: Ханза Росток загуби на гостувањето кај Кајзерслаутерн со 2 спрема 1, Бохум е совладан на гости во Дортмунд од Борусија со 1 спрема 0, а Фрајбург дома не оствари повеќе од нерешено 0 спрема 0 против Хановер.

Доколку понеочакувана, дотолку поголема радост за германските скијачи – алпинци

На крајот од светското првенство, што се одржа во Италија, во нововостановениот екипен натпревар златен медал за тимот во состав Моника Бергман-Шмудерер, Мартина Ертл, Хилде Герг, Флоријан Екерт, Андреас Ертл и Феликс Нојројтер. Тие победија пред претставниците на Австрија и на Франција. Малку кој можеше да очекува ваков успех, откако поединечните натпревари поминаа “посно” за германските скијачи. “Секако дека ќе беше прекрасно да освоев медал во велеслалом, но кој сметаше на златен медал денеска? На некој начин е чудесно што има шест златни медали за целата екипа и што шест луѓе блескаат од радост. Тоа сето ја прави работата уште поспецијална” – вели Мартина Ертл, која во поединечните натпревари во велеслалом го освои неблагодарното четврто место. Хилде Герг има уште еден посебен мотив за радост: “Ние денеска прикажавме супер тимски дух и секој даде максимум. За мене е прекрасно што на мојот последен настап на светско првенство можев да станам светска првенка”.

Феликс Нојројтер одвај да можеше да најде вистински зборови: “Тоа е извонредно чувство. Јас воопшто не знам као да го опишам, зашто тоа едноставно е неверојатно”.