1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

200611 Interview Hoyer GMF Menschenrechte

22 јуни 2011

Државниот секретар во германското министерство за надворешни работи, Вернер Хојер е еден од советниците на министерот за надворешни работи, Вестервеле. За ДВ говори за германските напори за заштита на човековите права.

https://p.dw.com/p/11g8l
Фотографија: DW

Вернер Хојер доаѓа од редовите на либерал-демократите и е еден од гостите на четвртиот „Глобал медиа форум“, кој од 20. до 22. јуни се одржува во Бон. На конференцијата станува збор за почитувањето на човековите права во глобализираниот свет.

Германија моментално е дел од мисијата во Авганистан, каде меѓународните сили го поддржуваат демократскиот процес во земјата. Сепак, цената е голема - германските војници честопати се жртви на напади од талибанците. Државниот секретар Хојер налгасува дека заштитата на човековите права останува на првото место:

„Патот е долг, но мора да внимаваме сега, по десетгодишни напори, да не дозволиме човековите права во Авганистан да ги изгубиме од радарот. Цената е голема, но напорите што се вложуваат се исплатуваат“, смета Хојер.

Deutschland Staatsminister im Auswärtigen Amt Werner Hoyer
Хојер во интервју за Дојче велеФотографија: DW

Кога станува збор за конфликтот во Либија, германската влада е порезервирана и не се вклучи во воената мисија на НАТО. Поради тоа беше цел на критики. Хојер сепак нагласува дека неучеството во воздушните напади не значи дека Берлин е неутрален и оти му е сеедно што се случува во Либија. И покрај тоа, остануваат критиките дека Германија на тој начин меѓународно се излолирала, со што им наштетила на сопствените напори во напорите за заштита на човекови права. Државниот секретар во министерството за надворешни работи смета дека нема основа за такви обвинувања:

„Сметам дека не ни требаат лекции за човековите права, на тоа поле имаме многу чист биланс. Што се однесува до човековите права во Либија, германската влада секогаш била многу активна и многу се залагала - во време кога Гадафи се шеташе по други европски градови.“

Улогата на ЕУ во борбата за заштита на човековите права

Што се однесува до состојбата со човековите права во Кина и апсењето на уметникот Аи Веј Веј, Хојер истакнува дека германската влада се обидува да го реши прашањето по дипломатска линија:

„Во конкретниот случај сакаме нешто навистина да постигнеме, а не само да си го зголемиме сопственото чувство дека сме направиле нешто корисно. Убаво е чувството кога настапувате гласно, меѓутоа можно е притоа воопшто да не сте им помогнале на луѓето, кои имаат потреба од тоа.“

Во интервјуто за Дојче веле, Хојер говори и за улогата на Европската унија во заштитата на човековите права. Тој нагласува дека Унијата си поставила за задача да биде пример во нивното спроведување. Тоа се огледува и во Повелбата на ЕУ за основните права на човекот. Но, Хојер нагласува дека тоа што е напишано на хартија, мора да се применува и во пракса:

„Тоа е одлучувачки тест за Унијата, која си поставила толку голема цел пред себе“, вели Хојер.

Автор: Ралф Бозен/ Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска