1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хофенхајм сигурен, Баерн го следи во чекор

Костадин Делимитов1 декември 2008

Хофенхајм и Баерн Минхен во мртва трка за есенската титула. Вердер Бремен се опорави по неуспехот во лигата на шампионите. Шалке 04 очигледно е во криза.

https://p.dw.com/p/G6ns
Ведад Ибишевиќ, ХофенхајмФотографија: picture-alliance/ Sven Simon

Фудбалската Бундеслига влегува во интересен финиш на полусезоната. На две кола пред крајот, новајлијата во елитното друштво, Хофенхајм е на лидерската позиција на табелата со три бода предност пред актуелниот шампион, Баерн Минхен. Двата тима се надеваат на освојување на есенската титула, а тоа и го заслужуваат, пред се’ поради констатно добрите настапи во досегашниот дел на првенството. Дилемата најверојатно ќе биде решена веќе во наредното, претпоследно есенско коло, кога Баерн го дочекува токму Хофенхајм.

Без изненадувања

Инаку 15-то коло не донесе којзнае какви неочекувани резултати. Хофенхајм со победата против Арминија од 3:0 ја задржа лидерската позиција со 34 освоени бодови. Три бода помалку на второто место има Баерн Минхен, кој во дербито на колото го совлада Баер Леверкузен со 2:0. Фармацевтите, по поразот на домашен терен паднаа на четвртата позиција на табелата со 28 бодови. Два бода повеќе има Херта од Берлин, која со победата против Келн од 2:1, се проби на третата позиција на табелата.

Нерешено заврши дуелот во Дортмунд помеѓу Борусија и Волфсбург. Популарните „волци“ освоија бод благодарение на тактичката, дисциплинирана игра во одбраната. Избраниците на Феликс Магат не создадоа ниту една шанса за гол. Нерешениот резултат без постигнати голови е логична последица, смета и тренерот на Борусија, Јирген Клоп: „Противникот беше длабоко поставен и добро организиран. Имавме неколку шанси, но многу често паѓавме во офсајд замки. Тоа помалку не нервираше, но севкупно земено не мислам дека заслуживме повеќе од нерешен резултат. Не мораше да заврши 0:0. За публиката ќе беше подобро да завршеше 2:2. Сепак мислам дека освоениот еден бод е добар за нас“, изјави Клоп.

Fussball DFB-Pokal Borussia Dortmund Hertha BSC Jürgen Klopp
Јирген КлопФотографија: AP

Борусија е петта со 25 освоени бодови. Волфсбург се проби на седмото место со два бода помалку. Добар натпревар повторно одигра Бохум, кој и овојпат не се радуваше на победата. Нерешените 1:1 во дуелот против Хамбургер се осмо реми сезонава за Бохум. Домаќините поведоа со голот на Станислав Шестак, Хамбургер израмни преку Ивица Олиќ. Тренерот на Бохум, Марсел Колер беше малку разочаран: „Мислам дека играчите прикажа одлична игра. Покажаа неверојатна борбеност и во текот на целиот натпревар имаа подобри шанси за гол. На крај повторно моравме да се задоволиме со еден бод“, рече Колер. Хамбургер сега е на петтата позиција со 27 освоени бодови. Бохум остана 16-ти со само 11 бодови.

Одличен деби за Бабел

Само една недела откако Армин Фе заработи отказ од тренерската позиција во Штутгарт, тимот под водство на довчерашниот заменик тренер, Маркус Бабел освои многу важни три бода. Совладан е големиот Шалке 04 и тоа со сигурни 2:0. Штутгарт со 21 освоен бод сега е на десеттата позиција. Шалке 04 кој очигледно не се опорави по поразот во купот на УЕФА од Манчестер Сити, со 23 бода е на деветтото место на табелата. Затоа, пак, одлична партија прикажа Вердер Бремен. Три дена откако се прости од пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите, избраниците на Томас Шааф настапија како препородени во дуелот против Ајнтрахт Франкфурт кого го декласираа со 5:0. Одлична партија одигра Клаудио Пизаро кој трипати се запиша во листата на стрелците. 15-то коло донесе радост и за тимот на Хановер кој на домашен терен го совлада Карлсруе со 3:2. Хановер освои многу важни три бода за бегство од опасниот, долен дел на табелата. Со 16 освоени бодови сега се наоѓа на 13-то место. Карлсруе пак со новиот пораз сега е последен на табелата со само десет освоени бодови. Довчерашниот фенерџија, Енерги Котбус со победата од 3:1 против Борусија Менхенгладбах направи скок од три места на табелата и сега е 15-ти со 12 освоени бодови.

Schalke 04 gegen VfB Stuttgart
Од натпреварот меѓу Штудгарт и Шалке 04Фотографија: AP