1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

310109 Bundesliga

2 февруари 2009

Есенскиот првак и натаму гази суверено во фудбалската Бундеслига. Франција ја освои третата титула светски првак во ракоме. Кире Лазаров не се најде во тимот на шампионатот.

https://p.dw.com/p/GlYB
Тимот на ХофенхајмФотографија: picture-alliance/ dpa

Есенскиот шампион во Бундеслигата, Хофенхајм од малото истоимено село во Германија на стартот на пролетниот дел од сезоната потврди дека има капацитет за највисок дострел. Во премиерниот настап на новата „Рајн Некар Арена“ избраниците на тренерот Ралф Рањик го совладаа Енерги Котбус со 2:0 и се зацврстија на врвот на табелата со 38 бодови. „Се разбира дека сме многу задоволни со резултатот, но исто така и со начинот на кој што настапи тимот. Сосема ни беше јасно дека не треба да очекуваме волшебен фудбал во овој натпревар“ рече Рањик.

Втор на табелата со два бода помалку е тимот на Херта Берлин, која го совлада Ајнтрахт Франкфурт со 2:1. Идентичен бодовен резултат има Хамбургер, кој во премиерниот натпревар во петокот го совлада Баерн Минхен со 1:0. Баварците по поразот паднаа на четвртата позиција со 35 освоени бодови. Петти е тимот на Баер Леверкузен, кој мораше да се задоволи со реми во локалното дерби против Борусија Дортмунд, 1:1. Бодот во Леверкузен ја задржа Борусија на шестото место на табелата. Штутгарт го совлада последниот на табелата, Борусија Менхенгладбах, со 2:0 и се проби на седмото место со 28 бодови. Следува Волфсбург со бод помалку, кој на гости во Келн ремизираше со 1:1. Лош старт на вториот дел од сезоната за Шалке 04, кој од гостувањето во Хановер се врати со пораз од 1:0. Шалке сега падна на деветото место на табелата со девет бодови заостанување од местото кое води во Лигата на шампионите. Тренерот на Хановер, Дитер Хекинг по натпреварот изјави: „Шалке настапи како одличен тим. Но ние имавме среќа, добар голман и морам јасно да кажам дека сме среќниот победник.“ изјави Хекинг

DFB Pokal VfB Stutgart gegen Bayern München
Од дуелот Штутгарт-БаернФотографија: AP

Проблеми за Вердер Бремен

Нови главоболки за Вердер Бремен, кој вчера на домашен терен претрпе незгоден пораз од Арминија Билефелд од 2:1. Избраниците на Томас Шааф останаа на 26 бода, но сега на 10-то место. Шааф смета дека тимот е самиот виновен за грешките во активноста, иницијативата и промената на темпото, наспроти противникот кој ги искористил своите шанси.

Келн, по ремито против Волфсбург е 11-ти на табелата со 23 бода. Следуваат Хановер со 20, Ајнтрахт со 19, Арминија со 17 освоени бодови. На претпоследните три места со само бод разлика се Бохум, Карслруе и Котбус. Борусија Менхенгладбах е последна со 11 бода.

Трета светска титула за Франција

Француската ракометна репрезентација по трет пат стана светски првак. По олимпиското злато од Пекинг, триколорите на најдобар можен начин ги завршија настапите на шампионатот во Хрватска. Во извонредно драматичен и многу напнат финален натпревар во „Загребската арена“ пред 15.000 хрватски фанови, Франција успеа да го совлада домаќинот со 24:19. Ова е трет успех на Франција на светските првенства по 1995 и 2001 година. Францускиот селектор Клод Онеста смета дека неговите избраници го освоиле турнирот благодарение на талентот и тимскиот дух. Презадоволен е и одличниот голман на репрзентацијата од редовите на германскиот тим Кил, Тиери Омејер, кој по трет пат се закити со светското злато. Клучниот дел од натпреварот според него биле последните 15 минути во кои Франција ги зачува нервите и одлично одигра во одбраната.

Handball WM 2009, Zagreb
Синоќешното расположение во ЗагребФотографија: Vid Mesaric

Со бронзениот медал се закити репрезентацијата на Полска, која во малото финале ја совлада Данска со убедливи 31:23. Довчерашниот актуелен светски првак Германија шампионатот го заврши на петтото место. Одличен резултат постигна Македонија, која заврши како 11-та. Најдобриот македонски ракометар, Кире Лазаров, кој со 92 постигнати гола е најефикасен стрелец во историјата на светските првенства, сепак не се најде во идеалниот тим на шампионатот, во кој се по тројца Хрвати и Французи и еден Полјак. Признанието МВП на првенството го доби хрватот Игор Вори.