1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холивудски еп го отвори Берлиналето

6 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AeVw
54. Меѓународен Филмски Фестивал во Берлин синоќа беше отворен со холивудскиот еп посветен на американската граѓанска војна "На пат за Колд Маунтин", на авторот Ентони Мингела, со Никол Кидман и Џуд Ло во главните улоги. До 15. февруари на Берлиналето ќе бидат прикажани вкупно 400 филмски остварувања од 80 земји, од кои 23 во главната конкуренција за "златната" и "сребрените мечки".

155-те минути на најновото милениче на Холивуд, номинирано за дури 7 оскари не ја крена на нозе пробирливата публика во Берлин. Аплаузот по проекцијата беше пријателски, но воздржан, а дел од актерите и режисерите не гледаат зошто еден историски еп од американската граѓанска војна би требало да биде најинтересна и најгорлива тема за отворање на Фестивалот. Дотолку повеќе што директорот на Берлиналето Дитер Кослик најави сериозен и политички ангажиран избор од светската продукција, со акцент на Латинска Америка и Јужна Африка - десет години по окончувањето на апартхејдот.

За политичката ангажираност на Берлиналето вчера вечер затоа се погрижија студентите од главниот град, кои на почесните гости им приредија концерт гласни свирежи во знак на протест против мерките на германската влада за штедење во образованието. Тие на кусо успеаја дури и да се пробијат во Палатата на Берлиналето и таму гласно да го изразат својот протест. Директорот на Фестивалот, Кослик мораше долго да им објаснува на странските гости за што станува збор, при тоа нагласувајќи дека има полно разбирање за студентите. "Порано и јас бев на нивна страна" - нагласи Кослик.