1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хокеј-турнирот во центарот на вниманието

25 февруари 2010

Хокеарскиот турнир кај мажите донесе најмногу возбудувања на Олимписките игри во Ванкувер. Во големото дерби, домаќинот Канада ја надигра Русија, совладувајќи ја со 7:3. Словаците го елиминираа шампионот Шведска.

https://p.dw.com/p/MAgH
Фотографија: AP

Во последниот четвртфинален дуел на турнирот во хокеј на мраз што заврши рано утрово, олимпискиот шампион од Торино, Шведска, е елиминирана по поразот од Словачка со 4:3. Противник на Словаците во полуфиналето ќе им биде домаќинот Канада, откако ја совладаа Русија со 7:3 и конечно успеаја да ја прекинат серијата порази од Русите. Најнеизвесно четвртфинале одиграа САД и Швајцарија, во кое Американците дури во финишот го скршија отпорот на противникот. Со истиот резултат од 2:0 Финска ја победи Чешка. САД – Финска ја сочинуваат втората полуфинална двојка.

Два медала за домаќините на тринаесеттиот ден на Игрите донесоа боб тимовите во женскиот двосед. Кели Хемфрис и Хетер Мојс го освоија златото, додека Хелен Апертон и Шели Ен Браун освоија бронза. Американките Ерин Пак и Елена Мејерс освоија сребро.

Во брзо лизгање на патеката од 5.000 метри нов златен медал за Мартина Сабликова од Чешка. Ова за неа е трет медал во Ванкувер, втор златен остварен со олимписки рекорд. Среброто го освои Стефани Бекерт од Германија, а бронзата Клара Хјуз од Канада.

Машката штафета на Шведска победи на трката 4 пати 10 километри во бијатлон и бронзата од Торино ја претворија во злато, пред Норвешка и Чешка.

Поради магла на велеслалом патеката се одржа само првата трка во женска конкуренција, а денеска треба да биде комплетирано ова натпреварување.

Во досегашниот тек од натпреварите, САД имаат најмногу освоени медали - 28, пред Германија со 24, Норвешка со 18, и домаќинот Канада со 15. По седум златни одличја имаат САД, Германија и Канада.

Автор: БГ/СН/миа.

Редактор: Жана Ацеска