1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хизб а-Тахрир сака воспоставување „Калифат“ во арапскиот свет

Петер Филип25 август 2006

Со движењето Хизб а-Тахрир ал ислами биле поврзани уапсените Либанци, осомничени за обидот за подметнување бомби во возови во Германија

https://p.dw.com/p/Ady2
Во Либан уапсениот Џихад Хамад
Во Либан уапсениот Џихад ХамадФотографија: AP

Основач на Хизб а-Тахрир ал ислами (Исламска ослободителна партија) е Таки-Един А-Набани. Тој потекнува од околината на пристанишниот град Хаифа. За време на студирањето во Каиро му се приклучи на Муслиманското братство. Потоа работеше во Исламското правосудство на британскиот мандат во Палестина. Со независноста на Израел мораше за кратко време да побегне во Бејрут, но се врати во Јордан, кој тогаш ја имаше контролата врз Источен Ерусалим и Западниот брег. Набани стана судија на Исламскиот суд во Ерусалим и повереник за настава на Исламскиот колеџ во Аман. Во Јордан стануваше се’ покритички настроен спрема Муслиманското братство, во 1952-ра година раскина со него и во Ерусалим ја основа „Партијата на ослободувањето“, Хизб а-Тахрир.

Групата проповедаше милитантна линија против Израел и Западот и, како и Муслиманското братство, се сфаќаше себе си како панарапска сила чија цел е укинување на државите, режимите и границите и повторно воспоставување „Калифат“ во кој арапскиот свет би можел да живее обединет и без туѓо влијание. Таквите тези наскоро го доведоа Набани во конфликт со јорданскиот двор: беше уапсен, а во 1953-та година побегна преку Сирија во Либан, каде почина во 1979-та година во Бејрут.

Неговите идеи и организацијата што ја основа го надживеаја, иако Хизб а-Тахрир во меѓувреме е забранета во речиси сите држави на Блискиот и Среден исток, како и во централноазиските републики, во кои во последните години стана особено силна. Само во Узбекистан наводно има 10 илјади приврзеници. Добар дел од нив се уапсени и затворени, како впрочем и во Киргистан и Таџикистан.

Движењето не е партија во вообичаената смисла на зборот. Тоа се состои од конспиративни, но цврсто раководени групи без препознатлив врховен водач, најчесто локално предводени од интелектуалци или религиозни учени. Обединувачко за групите од Узбекистан до Индонезија и од Рабат до Хамбург, во прв ред е непријателството и одбивачкиот став спрема САД и Израел, кого го сметаат за истурена стража на САД во исламскиот свет.

Припадниците на германската Служба за заштита на уставот од списите на Хизб а-Тахрир цитираат како за антиеврејска хајка се злоупотребуваат текстови од коранот, кои не се однесуваат на Израел, туку на непријателите на религијата: „Убијте ги, каде и да налетате на нив, протерајте ги од каде што тие вас ве протераа“. Хизб а-Тахрир ова вака го надополнува: „Евреите се народ на лажговци, на предавници, кој ги крши спогодбите и договорите“.

Таквите тези ги алармираа и германските власти, кои уште пред повеќе години почнаа да ги набљудуваат активностите на организацијата, која посебно паѓаше в очи на германските факултети. Покрај ова, се обиде да пушти корења и во турско-исламистичкото движење „Мили Геруз“. На 10-ти јануари 2003-та година тогашниот сојузен министер за внатрешни работи Ото Шили го забрани Хизб а-Тахрир под образложение дека работи против идеите за разбирање меѓу народите и шири антиеврејски предрасуди под плашт на антиизраелска пропаганда. Но, со тоа не можеа целосно да бидат запрени активностите на движењето: постојано наново се појавуваа летоци и повеќејазични публикации.