1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хигсовата честичка - речиси - пронајдена!

Јудит Хартл / Елизабета Милошевска Фиданоска4 јули 2012

Физичарите во истражувачкиот центар ЦЕРН со голема веројатност ја пронајдоа таинствената „божја честичка“. Тоа е научна сензација, а истражувачите се одушевени!

https://p.dw.com/p/15R5b
Фотографија: dapd

За Питер Хигс се остварува еден животен сон. Британскиот физичар, во меѓувреме 83-годишен, во 1964 година ја разви теоријата дека мора да постои некаква честичка која материјата ја прави материја. Оваа елементарна честичка е наречена според него. Питер Хигс беше почесен гостин на конференцијата во ЦЕРН, кај Женева, каде физичарите со години се во потрага по таинствената честичка.

Презентациите беа пренесувани во живо на интернет, како и на конференцијата на физичари во Мелбурн и на собирот на носители на Нобеловата награда во Линдау. Уште во предвечерјето се претчувствуваше дека ќе биде објавено нешто големо, имено - ништо помалку од доказ за постоење на таканаречената „божја честичка“.

Очекувањата не беа изневерени. „Имаме откритие“, се радува директорот на ЦЕРН, Ролф Хојер. „Набљудувавме нова честичка, која е компатибилна со Хигсовиот бозон“. Додека Хојер зборуваше за „историското откритие“, слушателите аплаудираа насмевнати. Расположението беше еуфорично, иако шефот на ЦЕРН нагласи: „Се‘ уште сме на почеток. Пред нас има уште многу работа.“

Научна сензација?

Научниците не се стропроцентно сигурни, но се близу до тоа. „Потребни ни се уште податоци“, се вели, но актуелните податоци покажуваат и докажуваат постоење на траги дека станува збор за честичката. Германската министерка за наука Анете Шаван им честиташе на научниците од ЦЕРН на „научната сензација“.

Peter Higgs CERN Teilchenbeschleuniger Higgs-Boson
Питер ХигсФотографија: Reuters

Станува ли навистина збор за сензација? Резултатите се сигурно огромен успех за физичарите од Европскиот центар за нуклеарна физика ЦЕРН, на кој чекаа долго, по многу неуспеси. Освен тоа, голем беше и притисокот од конкуренцијата, зашто една група американски научници во Чикаго исто така извесен број години трага по Хигсовата честичка. Во последно време трката беше рамо до рамо и ЦЕРН не сакаше да загуби во никој случај.

Хигс на материјата и‘ дава маса

Сега се чини дека ЦЕРН ја доби трката, Хигсовата честичка е „фатена“, барем со голема веројатност. Попрецизно кажано, постои статистичко приближување, зашто да се види честичката не е можно. Хигсовиот бозон е чиста теорија. Ја изумил Питер Хигс на хартија, докажана преку бесконечни физикално-математички формули. Неговата хипотеза гласи - нешто би морало да им дава маса на останатите бројни честички на материјата. Зашто, кварковите, електроните и неутроните, според призната математичка дефиниција, немаат маса и поради тоа би требало да се движат со брзина на светлината која не престанува. Но не е така. Значи нешто мора да ги кочи, да им дава маса и со тоа тежина. Токму тоа би требало да го прави Хигсовата честичка. Тие Хигсови честички, според теоријата, градат мрежа во која „се фаќаат“делови од материјата. Значи Хигсовите честички би требало да се нешто како лепак кој ги држи различните елементарни честички заедно, од што настанува материјата, значи и човекот.

CERN Higgs Teilchen Wissenschaftler Applaus
Веста од ЦЕРН пречекана со аплаузиФотографија: picture-alliance/dpa