1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хајнц Јирген Акст: „Побргу ќе дојде до одлагање на приемот, отколку до решение за спорот“

Нада Штајнман18 март 2008

Интервју со Хајнц Јирген Акст, професор по општествени науки на Универзитетот Дуизбург- Есен и раководител на институтот за политички науки

https://p.dw.com/p/DQad
Хајнц Јирген АкстФотографија: DW

Спорот со името мегу Скопје и Атина го доведува во прашање проширувањето на НАТО. По вчерашните преговори за името во Виена, дали можеме да очекуваме решение пред самитот на НАТО во Букурешт?

Акст: „Јас сум скептичен. Од една страна, грчката влада речиси се определи и сега најави дека за Македонија нема да има покана во Букурешт за прием во НАТО, ако не се најде решение за името. Од друга страна, имам сигнали дека Франција и други држави не се подготвени да извршат притисок врз Грција, туку дека ќе имаат обѕир кон Грција, така што претпоставувам дека спорот не ќе може да се реши до почетокот на април, кога во Букурешт ќе заседава НАТО.“

Дали се очекува црно сценарио што би и‘ ги затворило вратите на Македонија кон НАТО?

Акст: „Во тоа не верувам, се работи само за одложување на терминот додека се изнајдат можности Атина да се разубеди. Ми се чини дека постои голем интерес за стабилизирање на Западниот Балкан од страна на сите членки на НАТО. Но, исто така, постојано се говори за тоа дека Грција треба да се убеди во тоа да им се приклучи на другите. Тоа би значело дека терминот се одлага.“

Вчера во Виена имаше предлози за Нова односно Горна Македонија итн . Значи се работи за грчки предлози. По Виена членовите на македонската делегација се враќаат во Македонија. Што мислите може ли да се очекува македонската страна да направи отстапки и дека парламентот ќе донесе одлука за компромисно решение?

Акст: „Јас во овој момент не верувам во тоа. Мислам дека во Македонија преовладува чувството дека државата е призната од меѓународната заедница откако Американците и другите европски држави ја признаа под уставното име, така што мислам дека ниту во владата, ни кај народот не постои подготвеност за некакво придвижување кон компромис. Двете страни упорно стојат на своите ставови. Македонија ќе се обиде да му излезе пресрет на Нимиц и на ОН, но дека ќе се откаже од името „Република Македонија“ ми се чини неверојатно.“

Значи, вистински ќорсокак, при што сега се случува и голема криза во владата. Што мислите, зошто токму сега се случува тоа?

Акст: „Тоа е прашање со кое сега е конфронтирана ЕУ, имено што да правиме со Косово. Во Македонија, со оглед на сопственото албанско население и големите чувствителности, требаше да се очекува дека ќе дојде до вакви недоразбирања и во Македонија. Сега да се вратам на името. Моја претпоставка е дека македонската влада сега нема по секоја цена да бара решение за името само за да го отвори патот кон НАТО и ЕУ. Затоа на македонска страна не гледам можност за компромис, така што ми се чини дека побргу ќе дојде до одлагање на терминот за преговори за членство, отколку до решавање на прашањето за името. Другото прашање што ми го поставивте околу Албанците во Македонија, односно навраќањето на темата Рамковен договор од 2001, за мене покажува дека владината коалиција и ситуацијата во земјата сеуште не е толку стабилна за да се помисли дека долгорочно се надминати затегнатите односи меѓу Македонците и Албанците.“

Дали ЕУ и меѓународната заедница, кога го донесоа решението за признавање на Косово, размислија за тоа дека регионот може да стане понесигурен, оти Албанци живеат и во други делови на Балканот. Сметате ли дека ЕУ е свесна за својата одговорност во оваа работа?

Акст: „Да, секако може да се смета на тоа. Во принцип, таа стоеше пред дилема: признавањето на Косово води кон оние прашања за кои токму дискутираме: дека, на пример, Албанците се повлекуваат од владата на Македонија, дека Србија во моментов покажува одбојност и така натаму. Непризнавање, пак, би имало токму сличен негативен ефект - не би ги смирило Албанците на Косово, можеби и други албански малцинства, на пример во Македонија, би повлекло на улица, можеби за последица би имало развој и во самата Албанија. Значи, се’ едно како овде ЕУ би решила, обете варијанти - признавање и непризнавање на независноста на Косово, би донесле дестабилизација.“

Долгорочно погледнато, како вие ги гледате шансите Македонија да стане член на ЕУ и НАТО?

Акст: „Тука сум навистина оптимист, ако успее да се стабилизира внатрешната ситуација во Македонија - и тоа е еден од пунктовите критикувани од ЕУ, и ако е можен компромис по прашањето за името, а сметам дека би требало да е можен. Иако, во моментов гледаме дека обете страни се непопустливи. Грците бараат претходно да биде решено прашањето за името во нивна смисла, иако е тоа спротивно на Привремената спогодба од 1995-та, каде грчката страна вели дека нема да се противи Македонија под ознаката ФИРОМ да може да биде примена во меѓународни организации како НАТО и ЕУ. Но, грчката страна сега зазема крут став. Од друга страна, и македонската влада исто така зазема такви позиции. Ќе го наведам само именувањето на аеродромот „Александар Велики“. Не можам сосем да разберам што беше смислата на таа акција. Ако се најде излез од таа ситуација без Атина или Скопје да го загубат образот, тогаш сум вистински оптимист дека Македонија ќе може да најде пат за влез во ЕУ и НАТО. Секако, под предуслов да се земе предвид и севкупното расположение во Унијата и дека и други кандидати посакуваат прием во ЕУ. Посебно треба да се спомене Турција. Вие и самите знаете дека во рамките на ЕУ има навистина силни задршки во однос на прием на Турција, и тоа секако би можело да се одрази и врз перспективите за прием на Македонија. Принципиелно, вистински оптмистички гледам на шансите Македонија сепак да биде примена во НАТО и ЕУ.“