1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хашкиот трибунал „го менува курсот“

Џевад Сабљаковиќ/ Жана Ацеска 30 август 2013

Првпат во историјата на Хашкиот трибунал, еден судија е изземен од Советот кој води процес. Данецот Хархоф претходно го критикуваше претседателот на судот. Поради оваа одлука, Шешељ би можел да се најде на слобода.

https://p.dw.com/p/19Ysx
Фотографија: Getty Images

Вчера (29.08.2013) данскиот судија Фредерик Хархоф е изземен од Советот на Хашкиот трибунал пред кој му се суди на лидерот на српските радикали, Војислав Шешељ, обвинет за воени злосторства во Босна и Херцеговина, Хрватска и Војводина. Оваа одлука ја донесе посебно формиран совет, кој ја разгледуваше основаноста на барањето на Шешељ за дисквалификување на Хархоф поради писмо објавено во медиумите во јуни годинава, во кое изразува сомнеж во непристрасноста на Хашкиот трибунал.

По серијата ослободителни пресуди, изземањето на судијата Хархоф е уште една одлука која не е донесена едногласно, туку со мнозинство гласови, што јасно зборува - меѓу судиите во Трибуналот, кои ги водат постапките против обвинетите за тешки воени злосторства, има непомирливи несогласувања, ако не и судири. Во такви околности, прво страдаат правдата и праведноста.

Frederick Harhoff
Фредерик ХархофФотографија: Courtesy of the ICTY

Критики на сметка на Теодор Мерон

Судијата Хархоф во „писмо до пријателите“, објавено од светските медиуми, изрази „длабока загриженост, своја и на своите колеги кои ги среќава по ходниците на Трибуналот“, поради ослободителните пресуди за хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач, началникот на Генералштабот на војската на Југославија - Момчило Перишиќ и шефовите на тајната полиција на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ.

„Имам непријатно чувство дека судот го промени курсот под притисок на воениот естаблишмент во одделни влијателни држави“, напиша судијата Хархоф.

Дали американските или израелските функционери извршиле притисок врз судијата Теодор Марон, кој истовремено е и претседател на Трибуналот, е конкретното прашање кое се поставува. Од своја страна, Мерон изврши силен притисок на „остарениот турски судија на Жалбениот совет, Мехмед Гинеј“, вели Хархоф, па тој во последен момент го промени мислењето, со што овозможи мнозински донесена одлука од 3 спрема два за ослободување на Готовина и Перишиќ.

„Дали и холандскиот судија Алфонс Ори, претседавач со Советот кој ги ослободи Симатовиќ и Станишиќ, исто така бил под притисок на американскиот претседател на Трибуналот? Се чини дека е така“, пишува судијата Хархоф, поткрепувајќи го своето мислење со фактот што и оваа одлука беше донесена со надгласување - 2 спрема 1.

Theodor Meron ARCHIVBILD Präsident Internationaler Strafgerichtshof für das ehemalige Jugoslawien
Теодор МеронФотографија: picture alliance/AP Photo

Шешељ ја искористи приликата

Писмото на судијата Хархоф беше поводот Воислав Шешељ да поднесе барање за негово изземање од Советот. Во барањето Шешељ ја става под прашање непристрасноста на Хархоф кој „робува на предрасуди дека Србите се учесници во здружениот злосторнички потфат, а несрбите се жртви“. Барањето за изземање е прифатено исто така со мнозинство гласови.

За потсетување, данскиот судија е член на Советот на Трибуналот пред кој од 2007. година до март оваа година му се суди на лидерот на српските радикали. Изрекувањето на првостепената пресуда е закажано за 30.октомври. Обвинителството побара казна од 28 години затвор, а обвинетиот, кој се брани сам, пледира за ослободување.

Vojislav Seselj Serbien Nationalist
Војислав ШешељФотографија: AP

Лидерот на радикалитена слобода?

Дисквалификацијата на судијата Хархоф за последица може да има пуштање на Шешељ на слобода без пресуда. Што на тоа би кажале членовите на 15 здруженија на жртвите во БиХ?

Нивните претставници бараа формирање независна комисија заради испитување на наводите од писмото на данскиот судија, како и поднесување оставка од претседателот на Трибуналот. Наместо тоа, Хархоф е замолчен со изземање, со мнозинство гласови.

Покрај серијата ослободителни пресуди, која го карактеризира вториот мандат на Теодор Мерон, вчерашната одлука болно ги потресува жртвите од војната, кои сѐ погласно го поставуваат прашањето - што се случува всушност со Хашкиот трибунал и зошто тој, како што пишува дисквалификуваниот судија, „го менува курсот“?