1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауит: Ќе влијаам за договор за името

16 септември 2011

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Хауит, доаѓа в недела во Македонија на средби со сите политички фигури, обични граѓани, бизнисмени и невладини организации, за да собере информации за земјата.

https://p.dw.com/p/12ZuK
Ричард Хауит ветува ангажман во приватни разговори со функционери од Брисел, Стразбур, Атина и Скопје за решавање на спорот за иметоФотографија: picture alliance/dpa

Хауит во интервју за Дојче веле нагласува дека очекува есенскиот извештај на Европската комисија да регистрира напредок во Македонија. Вели дека не е судија, но во исто време посочува на што тој ќе упати забелешки во разговорите во Скопје.

„Очекувам напредок секаде, во сите аспекти од аспирациите што ги има земјата за приклучување на ЕУ. Тоа е тежок процес. Она што ќе го кажам за време на мојата посета е дека за сите прашања - за јавната администрација, економските реформи, за стандардите во животната средина, за правосудството, прашања на правниот систем, борбата против корупцијата – во сите аспекти во работата што треба да се направи во оваа земја, како и во другите земји кандидатки, очекувам и се надевам на напредок“, вели Хауит.

Препораката за преговори не е зацементирана

Тој сака да биде стрплив пред да се објави извештајот, но во исто време ја разјаснува пораката на еврокомесарот Штефан Филе дека треба да се почека извештајот за да се види дали и оваа година ќе има препорака за почеток на преговорите.

PK des EU Erweiterungskommissars Stefan Füle zu den Fortschrittsberichten
Пораката од еврокомесарот Филе дека треба да се почека да се види дали и оваа година ќе има препорака за преговори, Хауит ја оценува како сигнал дека таа не е зацементиранаФотографија: AP

„Фер е да се каже дека сум среќен што работам со Штефан Филе и мислам дека тоа што го кажа кога беше во Скопје, дека позитивната препорака на Европската комисија за почеток на пристапните преговори не е ’зацементирана’, е многу јасна порака. Тоа беше учтива и дипломатска порака, но беше јасна што кажува дека се’ додека имаме ќор-сокак во прашањето за името и се’ додека мислењето на Комисијата е дека нема доволен напредок во некои области, како што кажаа минатата година, не може да се гарантира статус-кво од гледна точка на Комисијата“, вели Хауит.

Хауит има желба препораката на Комисијата да остане иста, а одлука за почеток на преговорите да има на декемврискиот самит оваа година. Тоа зависи и од работите во Македонија, но и од односот со Грција. Ветува дека енергијата ќе ја насочи на, како што вели, „наоѓањето промени што треба да се случат во насока на почнување на преговорите“.

Ако се прескокне Македонија, ќе се загрози прогресот во земјата

Европратеникот укажува и дека ако се случи, на пример, „Србија и Косово да ја прескокнат Македонија, тогаш тоа за земјата што беше прва кандидатка и што има препораки за почеток на преговорите од пред три години нема да биде природно и ќе се смета за пропаст“, а Унијата ќе се врати назад во курсот што си го поставила.

„Ако се пропушта година за година, препораката да е таму, ама да не се случува ништо, поради тоа секако дека импулсот или мотивација може да се изгубат, без разлика дали се работи за министрите во владата или за останатите во земјата, или, пак, меѓу моите колеги во Брисел и Стразбур. Можеби тоа ќе се случи. А, јас не ја земав оваа работа за да доживеам неуспех. Затоа предупредувам сега и сакам тоа да е повик за будење за сите вклучени во процесот за пристапување дека земјата не сака да биде прескокната и сака да почнат преговорите“, вели Хауит.

Flash-Galerie Jose Manuel Durau Barroso spricht vor dem Europäischen Parlament
Европратеникот Хауит се надева дека со своите колеги ќе дебатира за прогресот направен во МакедонијаФотографија: picture alliance/dpa

Функционерите во Брисел не се одговорни за спорот за името

Тој се оградува дека европските функционери имаат одговорност во спорот.

„Дозволете ми да разјаснам. Тоа не е одговорност на функционерите во Брисел, тоа не е моја одговорност да се реши прашањето за името, но сакаме да биде решено. Го користиме нашето влијание таму каде што можеме, за да биде решено. Секој пристоен човек треба да го направи тоа. Не сакаме дипломатски спорови меѓу соседни земји, а јас не сакам да продолжат пречките за приемот на земјата и во ЕУ и во НАТО. Но, одговорноста за постигнување решение е кај двете земји вклучени во преговорите, но и кај медијаторот од ОН. Луѓето ми велат дека како што минува времето, можностите за наоѓање компромис прифатлив за двете страни може да се намалат. Она што им го ветувам на сите што го слушаат ова интервју е дека не само на сите мои состаноци и во земјата, и во Брисел и Стразбур, туку исто така и со моите грчки колеги, ќе го искористам секое можно влијание за да охрабрам на компромис и постигнување договор. Тоа е мое ветување. Не сум медијатор, но сакам ова прашање за името да се реши и ќе го искористам моето влијание да охрабрам тоа да се случи“, ветува европратеникот Ричард Хауит.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска