Хауит своето ќе го каже утре
14 февруари 2013Ричард Хауит ја посети пленарната сала на Собранието каде се случија дел од инцидентите на 24 декември. Eвропратеникот нагласи дека неговата примарна цел не се овие настани кои, како што рече, фрлаат сенка на Парламентот:
„Бев во Парламентот и покрај фактот што една од партиите не е овде. Важно е што бев во просториите каде што се случиле настаните на 24 декември. Ситуацијата е многу сериозна и тешка за земјата и за иднината на земјата во Европа. Но за тоа ќе кажам многу повеќе утре, прво ќе се сретнам со претставници на сите партии“, изјави европратеникот Хауит по посетата на салата за седници во Парламентот.
Претходно, на средбата со Постојаната анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот, тој побара од пратениците да реферираат за работата на ова тело и да зборуваат за состојбата со човековите права во земјата, и рече дека тој своите ставови ќе ги изнесе на утрешната прес-конференција.