1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауит не сака Македонија да биде изолирана

Тони Гламчевски23 јануари 2013

Европратеникот Ричард Хауит пред Комисијата за надворешни работи на ЕП ја претстави првата верзија на Предлог резолуцијата за напредокот на РМ во 2012. Европратениците посебно се осврнаа на политичката криза во земјата.

https://p.dw.com/p/17Q3u
Фотографија: picture alliance/dpa

Ричард Хауит пред своите колеги прво се осврна на конфликтот меѓу двете најголеми политички партии во Македонија. Според британскиот европратеник, „ако се сака напредок, има потреба од силен и цврст парламент во кој работат сите партии во него и со целосно почитување на сите претставени партии во него“.

Хауит предупреди дека внатрешнополитичкиот конфликт не треба да се користи за блокирање на напредокот на земјата кон ЕУ. Македонија, според него, е робустна – цврста демократија која е на пат да ја надмине кризата.

Тој ја поздрави инцијативата на комесарот за проширување Штефан Филе да се помогне во решавањето на проблемот со името, по што би требало да биде донесена одлука за почеток на преговорите во текот на јуни. Трилатерални средби, според него, ќе бидат помош за изнаоѓање на решение за името.

Известувачот на Европскиот парламент за Македонија смета дека почетокот на преговорите можат да предизвикаат пресвртница, односно да ја зацврстат земјата во реформите. Потврда на тоа е дијалогот на високо ниво, кој доведе до реализација или напредок во 75% од идентификуваните области од Комисијата.

Хауит го нагласи неговото барање за потребата да се направи проценка колку чини непроширувањето на ЕУ, надевајќи се дека за време на ирското претседателство, кое го зацрта како приоритет проширувањето, ќе биде постигнат напредок. Тој го поддржа и механизмот за арбитража во решавање на билатералните спорови меѓу земји кандидати и земји членки на ЕУ.

Во годинашниот извештај тој се одлучи посебно да стави акцент на децентрализацијата и граѓанското општество во земјата.

Хауит одлучи да не го употребува терминот „Македонија“ или „Поранешна Југословенска Република Македонија“. Тоа според него нема да ја одрази идејата дека во ЕП се сака Македонија и Грција да најдат решение за името. Тој се користи со официјалната референца прифатена во ООН само еднаш, исто како и терминот „македонски“. Во останатиот дел на резолуција се користи термионот „земјата“ или „таа“.

На крајот од претставувањето на својата резолуција, Хауит нагласи:

„Нема план Б, има ќорсокак кој треба да се деблокира, се надевам дека тоа ќе се случи до јуни годинава и дека ние во ЕП ќе придонесеме за ова.“

Поради проблемот со името Македонија назадува

Во дускусијата која следуваше европратеникот Едуард Кукан, нагласи дека Македонија беше прва во евроинтеграцијата, но поради спорот со името таа ја плаќа казната за нерешниот проблем со името, со што се наоѓа во ситуација на назадување. Според Кукан „програмата за проширување е најдобрата рамка за реформите“. Механизмот за арбитража, според него, треба да дозволи да се најде решение за проблемот со името. Околу внатрешниот конфликт во земјата Кукан рече дека блокадата во работата на државните иснтитуции може да придонесе за назадување на земјата и затоа е потребно е да се стави крај на тоа со повик за политички дијалог.

Eduard Kukan
Едуард Кукан: Програмата за проширување е најдобрата рамка за реформитеФотографија: DW/Arben Muka

Европратеничката Марије Корнелисен е задоволна што предлогот на Зелените за арбитражен механизам е прифатен. Но, таа жали поради тоа што Филе ги намали своите амбиции. Во ЕП, според неа, е потребно да се поддржи предлогот за име со географска одредница со гаранција дека нема да биде ставен во прашање идентитот на јазикот, народот и неговата култура.

Чарлс Танок потсети дека Македонија осум години напори за евроинтеграции, но не може да отвори, ниту да затвори поглавја. Танок ги посочи како дестаблизирачки за Македонија изјавите на претседателот на Албанија.

Europaparlament Abgeordnete Maria Eleni Koppa
Мариа Елени Копа смета дека Македонија не прави напори за решение на проблемот со иметоФотографија: European Union

Грчките европратеници, Никалаос Салавракос, Мариа Елени Копа и Мариета Јанаку истакнаа дека лично се за проширувањето на ЕУ, но сметаат дека Македонија не прави напори за решавање на проблемот со името, односно, според Салавракос, зад проблемот со името се кријат многу други прашања, па дури и територијални претензии кон Грција. Копа побара од своите колеги да не заземаат позиции според политичката припадност во однос на настаните во земјата и да бидат претазливи.

Добрососедските односи услов за членство во ЕУ

Нејтс Ујтебрук смета дека во зависност од тоа колку долго Македонија ќе остане изолирана и во претсобјето на ЕУ, толку работите ќе се влошуваат во земјата.

„Дали не е можно да се признае постоењето на едно лице кое живееше пред две илајди години, дека тоа им припаѓа на две земји и не е монопол на никого, дали во европскиот дух тоа не можно?“, се запраша таа.

Евгениј Кирилов побара славење на заеднички историски настани и личности, тврдејќи дека бугарскиот амбасадор бил малтретиран во Македонија сакајќи да и‘ оддаде почит на една историска личност.

Андреј Ковачев, од своја страна, рече дека не смеат да се премолчат проблемите и пред се‘ добрососедските односи.

„Не е проблемот само историјата, туку и дискриминацијата на македонски државјани кога тие тврдат дека се Бугари“, рече тој и повторно инсистираше на доследно спроведување на процедурата за лустрација во Македонија.

Plenarsaal Parlament Strasbourg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Шарлампос Ангоракис го поздрави изештајот на Хауит, инсистирајќи посебно на економските проблеми во земјата и посебно невработеноста.

Бернд Поселт побара прекинување на внатрешните поделби, повикувајќи ја опозицијата да се врати во парламентот. Тој ја потсети грчката европратеничка Јанаку дека Македонија го смени знамето и уставот во кој таа вели дека нема територијални претензии кон соседите.

Претставникот на Европската комисија Дејвид Кулен пред европратениците изјави дека политичката криза во Македонија е загрижувачка. Според него, Генералниот директор на дирекцијата за проширување ја посетил Македонија со цел да се надминат проблемите и испратен е повик за институционален дијалог и почитување на парламентарните вредности со повик за враќање на опозицијата во Парламентот. Кулен најави дека во април ќе биде изготвен нов извештај за Македонија.