1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауит: Македонија треба да ја искористи можноста

Тони Гламчевски11 февруари 2013

Десетина дена пред комисиската расправа за најновата резолуција на ЕП за напредокот на Македонија, за која се поднесени рекордни 203 амандмани, известувачот Ричард Хауит, ќе ја посети земјата (од 13 до 15 февруари).

https://p.dw.com/p/17bo6
Фотографија: picture alliance/dpa

Во краткиот разговор за ДВ, британскиот европратеник Ричард Хауит нагласува дека оваа негова посета е поважна од претходните, иако тој во својство на известувач ја посетува Македонија редовно. Хауит вели дека има „должност да биде во контакт со сите политички актери и сите останати фактори во општеството.“

„Но во моментов, кога постои прекин на политичкиот дијалог меѓу партиите, уште е поважно да бидам во земјата, да ги слушнам сите и да видам како европскиот пристапен процес може да ги врати работите на вистинскиот пат во Скопје.“

На прашањето дали е оптимист дека ќе биде најдено решение за дијалогот меѓу двете големи партии во Македонија, известувачот на Европскиот парламент вели дека неговата работа не е да биде оптимист или песимист.

„Мојата работа е да и‘ помогнам на земјава да се приближи кон Европската унија и сакам да ги сослушам сите партии. Еврокомесарот Филе лично и детално ме извести за неговата последна посета овде и се надевам дека со тоа што ќе бидам во земјата, што ќе ги слушнам сите инволвирани во политичката криза, ќе имам позитивно влијание, но не како судија или посредник, бидејќи тоа не е мојата улога, туку позитивно и конструктивно влијание што ќе овозможи да се воспостави дијалог и да се фокусираме на тоа што треба, а тоа е добивање на датумот за пристапните преговори, што ми е главниот приоритет.“

Хауит не сака предвреме да оценува дали е загрозен процесот на европската интеграција во Македонија. Тоа ќе го направи по посетата на земјата и разговорите кои ќе ги води таму.

„Но очигледно, одлуката на Европскиот совет во декември е можност за земјата, откако три пати препораките на Европската комисија беа забележани, но Советот не дејствуваше според нив. Ова е важна можност и би сакал да зборувам за тоа со сите актери во земјата за да ја искористат таа можност“, рече известувачот на ЕП за Македонија.

Освен Ричард Ховит, во текот на овие денови во Македонија се очекува да пристигнат и други европратеници со цел да се воспостави политички дијалог меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да се врати во Собранието. Но, и ако СДСМ се врати во Парламентот и ако се воспостави политичкиот дијалог, штетата веќе е направена.

Во новите предложени измени на нацрт резолуцијата на Хауит се бара во извештајот да стои дека „настаните во парламентот се сериозен чекор назад во политичкиот дијалог и демократското функционирање на институциите во земјата“, се изразува загриженост од состојбата и се повикуваа владата и опозицијата да го обноват дијалогот, без оглед на тонот во повиците во зависност од политичкиот блок на тие кои ги испраќаат.