1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауит бара 25 промени во својата Предлог-резолуција за Македонија

АМ/макфакс/миа24 декември 2013

Според агенцијата МИА, известувачот за Македонија во ЕП Ричард Хауит поднел најмногу амандмани на Предлог-резолуцијата за Македонија и предложил бришење на единствената придавка „македонски“ во предлог-резолуцијата.

https://p.dw.com/p/1AgUQ
Richard Howitt
Фотографија: Getty Images

Крајниот рок за поднесувањето на амандманите на Предлог-резолуцијата бил искористен за поднесување на вкупно 170 амандмани (лани имаше над 200-та), при што најмногу, односно 45 амандмани имаат поднесено грчки европратеници. Хауит поднел вкупно 25 амандмани.

Според МИА, во Предлог-резолуцијата, во параграф 14, британскиот европратеник „изразува загриженост дека помалку млади етнички Албанци го изучуваат македонскиот јазик, што доведува до продолжување на поделбата и потенцијален конфликт долж етничките линии меѓу децата на училишна возраст“. Но, во амандманот број 89, Хауит предложил измена каде оваа реченица се заменува со: „Изразува загриженост дека помалку млади луѓе се чини дека го изучуваат јазикот на другиот и бара акција по ова прашање за да се избегне поделба и потенцијални конфликти по етничка линија меѓу децата на училишна возраст“.

Второто разгледување на Предлог-резолуцијата на Европскиот парламент за Република Македонија, во рамки на Комитет за надворешни работи (АФЕТ) е закажано за 20 јануари 2014 година. Ден потоа, се очекува поголемиот дел од овие амандмани да бидат договорени како компромисни амандмани и АФЕТ да ја изгласа Резолуцијата, за која конечното одобрување ќе го дадат сите пратеници во Европарламентот на пленарна сесија во Стразбур, закажана за првата недела од февруари 2014 година.

Европратеникот Хауит, во однос на оцените на ОБСЕ/ОДИХР на мартовските локални избори, предлага да се вметне реченицата дека „ЕП ја дели загриженоста за рамнотежата на медиумското покривање, за замаглувањето меѓу државните и партиски активности и/или неправилностите во врска со регистрација на гласачите од Пустец, Албанија“.

Хауит во однос на слободата на изразување предлага да се додаде:

„ЕП верува дека последниот случај со притворениот новинар Томислав Кежаровски и други случаи, чии резултати единствено треба да се утврдат од страна на независното судство кое ќе работи според Европската конвенција за човекови права, може, сепак, да предизвика загриженост за можно остварување на селективна правда во земјата и сите релевантни власти треба да превземат ефикасни мерки за тоа да се избегне“.

Натаму тој ја предлага и следнава формулација: „ЕП изразува загриженост за широко распространета и долга употреба на мерката притвор и за условите на затворениците; забележува случаи на непропорционална полиција во однос на демонстрации; повикува напорите за одржување на јавниот ред да бидат пропорционални и да го почитуваат правото на слободно здружување”.

Хауит „прашува зошто беа усвоени важни измени на Законот за прекинување на бременоста од страна на Собранието во скратена постапка, без пошриока јавна дебата“.