1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хасан ал Башир на обвинителна клупа?

15 јули 2008

Меѓународниот кривичен суд, се погрижи да го сврти интернационалното внимание врз себе:главниот обвинител Луис Морено Окампо побара налог за апсење на суданскиот претседател Хасан Ал Башир.

https://p.dw.com/p/EcdN
Хасан Ал БаширФотографија: AP

Ова е прв случај Меѓународниот кривичен суд да поведе постапка против државник кој се’ уште е на власт. Главниот обвинител Луис Морено-Окампо ја аргументира одлуката за апсење на суданскиот претседател Хасан Ал Башир:

„Имаме три случаи на геноцид: убиства на членови на етничките групи Фур, Масалит и Загава, потоа предизвикување на сериозно ментално страдање на истите групи и свесно создавање животни услови со кои се смета дека ќе се предизвика психичка деструкција.“ Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд наброја и други елементи на обвинението: за пет случаи на злосторство против човечноста, вклучително убиство, насилна преселба на население, тортура и силување, и два вида воени злосторства: свесно водење напади против цивилно население и грабеж. Морено-Окампо им поднесе на судиите документи врз кои се темели барањето налог за апсење на актуелниот судански претседател.

Luis Moreno Ocampo
Луис Морено ОкампоФотографија: dpa - Fotoreport


Се стравува дека одлуката ќе ја загрози меѓународната мировна мисија

Во првата реакција, амбасадорот на Судан во ОН, Абдулмахмуд Абделхалем Мохамад за телевизијата Си-ен-ен изјави:

„Она што го направи денеска Окампо е играње со оган, што ќе го запре мировниот процес во Дарфур. Се разбира дека најстрого ја осудуваме изјавата на овој генерален обвинител. Меѓународната заедница треба да реши дали нејзин приоритет ќе биде запирање на крвопролевањето во Судан или да го следи Окампо“.

Некои диломати од ОН страхуваат дека потегот на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд би можел да ги загрози околу 10 илјади мировни војници на светската организација и на Африканската Унија, кои би можеле да бидат цел на одмазднички акции на суданските оружени сили. Според Ширин Зорба, заменик портпарол на таа заедничка мировна мисија на ОН и Африканската Унија, по изјавата на Окампо засега нема промена на односот на суданските власти. За Дојче Веле таа изјави:

„Соработката меѓу заедничките трупи на Африканската Унија и на ОН во Дарфур и суданската влада е регулирана со договор со кој се утврдува нашето присуство овде во Судан. Оттука, суданската влада е примарно одговорна за тоа, да бидат олеснети акциите на мисијата и да бидат заштитени нејзините припадници и имот во Судан“.

„Амнести интернешнал“ задоволен

Организацијата за човекови права Амнести интернешенел ја поздрави можната кривична постапка против претседателот на Судан. Барабара Лохбилер, генерален секретар на Амнести Германија изјави:

„Не се одговорни само поединечни војници или министри, туку и самиот Башир. За нас во Амнести ова е вистински сигнал дека може да се повика на одговорност и највисокиот претставник на државата, ако тој наредил такви злосторства, како злосторства против човечноста и воени злосторства“.