Хаос, Селека и анти-Балака
5 јануари 2014Март 2013 година: Централноафриканската република е во хаос. Луѓето се во бегство, бараат заштита во импровизирани кампови. Причината е пучот кој го изведе Мишел Џотоди и со кој ја освои власта. Тоа е само уште еден државен удар во историјата на земјата. Се работи за пари и моќ, ништо друго. Кликите се менуваат за да профитираат од богатството на земјата, а луѓето живеат во беда и сиромаштија.
Новиот владетел, Џотоди тогаш вети подобрување: „Сакаме крај на бедата. Многумина се гладни, немаат што да облечат, а медицинската заштита е слаба. Луѓето не можат мирно да спијат“.
За немирниот сон на граѓаните виновен е и недостатокот на командни структури во рамки на вооружените сили. Џотоди на власт дојде со помош на бунтовниците од организацијата Селека. Редовните оружени сили дезертираа или заминаа по друг пат.
Во вакумот на власта секој мора да се снаоѓа како знае и умее. Во месеците пред пучот, секогаш одново избиваше насилство. „Селека е платеничка војска, која се состои од убијци. Убиваат жени, деца, мажи. Тие мислат дека сите се анти-Балака“, вели еден учител од градот Босанго.
Верски судири
„Анти-Балака“ е реакција на бунтовниците од Селека, и на почетокот беше некој вид група за самоодбрана. Составена е воглавно од христијански борци. Притоа е важно да се спомене дека верските судири не играа голема улога во историјата на Централноафриканската република, а многу семејства се верски мешани.
Околу 10 проценти од населението во земјата се муслимани, а повеќе од половина од жителите се христијани. Поранешниот претседател Франсоа Бозизе во последните години во прв план се повеќе истакнуваше дека и самиот е христијанин, дури и ко-основач на една црква, па со самото тоа исклучи некои сегменти од населението.
Со зајакнувањето на Селека се заострија и верските судири. Селека означува некој вид алијанса, а во суштина тоа е лабава асоцијација на муслимански бунтовнички групи, меѓу нив има и борци од соседните Чад и Судан.
Целосен хаос
Убиства, силувања, уништување - претседателот Џотоди повеќе не е господар на ситуацијата. На почетокот на декември ОН одлучија да ги зајакнат трупите на Африканската унија и на Франција, кои веќе се наоѓаа во земјата. Симпатизерите на поранешниот претседател Бозизе, кој се наоѓа во егзил и ги поддржува формациите анти-Балака, погрешно пресмета дека повторно е дојдено неговото време. По офанзивата, Селека возврати со насилство. Амнести интернешнл проценува дека имало над илјада жртви во само неколку дена.
Малку надеж даваат заедничките христијанско-муслимански демонстрации. „Христијаните и муслиманите сакаат мир“, пишува на транспарентите. Но, мир ќе има дури кога мнозинството борци ќе го предадат оружјето - на сите страни. Во тоа треба да помогне новата, силна мировна мисија на ОН. Иако веќе се говори за избори, тие можат да ја извлечат земјата од хаос само доколку претходно зајакнат цивилните сили.
Пред 30 години, Централноафриканската Република доживеа кус период на функционална повеќепартиска демократија. Според набљудувачите, долгорочната намера е повторно да се мобилизираат тие стари политички сили и во земјата да се вратат политичарите кои се во егзил.