Ханеке се закити со Златната палма
28 мај 2012Австрискиот режисер Михаел Ханеке е носител на Златната палма на 65. издание на Канскиот филмски фестивал. Неговиот филм „Љубов“, за болеста и смртта во еден долгогодишен брак, од жирито беше оценет за најдобар филм на годинешниот фестивал. Ова е втора Златна палма за Хенеке, кој пред три години беше награден за филмот „Белата панделка“.
Наградата за најдобра машка улога му припадна на Данецот Мадс Микелсен за улогата во психолошкиот трилер „Потера“ (The Hunt). Микелсен во филмот игра воспитувач во градинка кој се сомничи за злоставување деца.
За најдобро сценарио беше награден Романецот Кристијан Мунгиу за филмот „Зад брдото“ (Beyond the hills) во кој станува збор за две пријателки и прашањата за егзорцизам и вербата.
Двете главни актерки во овој филм, Космина Стратан и Кристина Флутур, ја делат наградата за најдобра женска улога, за улогата на најдобри пријателки во филмот „Зад брдото“ (Beyond the hills).
Со Големата награда, жирито на фестивалот под водство на италијанскиот режисер Нани Морети го награди Матео Гароне за неговата сатира (Reality).
Наградата за најдобра режија отиде во рацете на Мексиканецот Карлос Рејгадес за експерименатална семејна драма (Post Tenebras Lux).