Хамнеи: Не се‘ што презеде Рохани е соодветно
5 октомври 2013„Ја поддржуваме дипломатската иницијатива на Владата и го цениме значењето на нејзините активности на ова патување. Дел од она што се случи во Њујрок не беше соодветно“, соопшти ајатолахот Али Хамнеи денеска (05.10). Притоа, највисокиот ирански духовен водач не наведува детали за тоа што од постапките на Рохани во Њујорк не било во ред.
Иранскиот претседател во септември зборуваше пред Генералното собрание на ОН во Њујорк и ја подвлече цивилната ориентација на иранската атомска програма. Освен тоа, Рохани рече дека неговата земја стреми кон „конструктивна“ соработка со другите држави. Во голем број интервјуа пред и по одржувањето на говорот тој направи обид за подобрување на односите со САД и Западот. Рохани, освен тоа, водеше телефонски разговор со америакнскиот претседател Обама, што беше прв директен разговор на претседателите на двете земји по Исламската револуција во 1979 година.
Сега Али Хамнеи остро ги напаѓа САД. „Ние сме песимисти во однос на Американците и не им веруваме. Американската влада нема веродостојност, таа е надмена и нема обѕири, а и ги крши дадените ветувања“, соопшти Хамнеи, кој ја критикува и тесната соработка на САД и Израел.
Ова е првпат Хамнеи да се изјасни околу најновите дипломатски напори на Рохани. Во Исламска Република Иран, не претседателот, туку духовниот водач е најмоќен човек во државата. Хамнеи ги определува политичките насоки и го надгледува нивното спроведување, а освен тоа е и Врховен командант на воените сили. Атомската програма е под директна контрола на Хамнеи.