1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамилтон, најмлад шампион во историјата на Формула 1

Сара Фаупел/Агенции/К.Д.3 ноември 2008

Петото место во Сао Паоло беше доволно за Луиз Хамилтон за прв пат во кариерата да се радува на титулата светски првак во Формула 1. Хофенхајм и натаму царува во Бундеслигата. Баерн опасно се приближува кон врвот.

https://p.dw.com/p/FmWk
Луис ХамилтонФотографија: AP

Формула 1 го доби својот нов крал. Тој се вика Луис Хамилтон, има 23 години, вози за Мекларен Мерцедес и е најмладиот возач во историјата кој ја освоил титулата светски првак. Она што не му успеа минатата сезона, Хамилтон го доби годинава. Според некои заслужено, според дел од познавачите на овој спорт, не.

Како и да е, Луис Хамилтон ќе биде запишан со златни букви во историјата на автомобилизмот. До својата прва титула тој дојде во драматична завршница од последната трка на шампионатот која се возеше на патеката во Сао Паоло. На неа триумфираше Фелипе Маса од тимот на Ферари. Хамилтон заврши како петти, што беше доволно британецот на крајот да слави. Да беше само место подолу титулата ќе заминеше во рацете на Фелипе Маса, на кому вака му остана само утеха дека победи на последната трка и тоа на домашен терен.

Генералниот поредок во сезоната 2008 е следен. Луис Хамилтон е прв со 98 бодови. Еден помалку има Фелипе Маса. Третото и четвртото место го делат веќе стариот шампион Кими Раиконен и Роберт Кубица со по 75 освоени бодови.

Во конкуренција на конструктори титулата по 16. пат ја осбои тимот на Ферари со 172 бода. Втор е Мекларен Мерцедес со 151, трет Бмв Заубер со 135 освоени бодови.

Себастијан Леб нов светски шампион во рели трките

Викендов го донесе и новиот светски првак во рели автомобилизмот. Себастијан Леб на претпоследната трка во Сапоро, Јапонија, ја обезбеди светската титула. Французинот го освои третото место, што беше доволно за конечен триумф. Тој е прв рели возач во историјата кој по петти пат станува светски шампион и тоа едно по друго. На последната трка тој има шанса да ја освои 11. победа во сезоната со што ќе собори уште еден рекорд. По трката во Сапоро, задоволниот Лев придружуван од совозачот Дание Елена изјави:

BdT Deutschland Motorsport Rallye in Trier
Цитроенот на Себастијан ЛебФотографија: AP

„Ова беше ужасна трка. На стартот имав голем притисок. Во делови од трката имав проблеми со водата во моторот и контролата врз возилото, но на крај се` заврши одлично. Ова е голем момент за мене„ изјави Леб

Инаку на релито во Јапонија најбрз беше финецот Мико Хирвонен возач на Форд Фокус. Втор заврши неговиот сонародник и тимски колега, Јари Мати Латвала.

Хофенхајм и натаму гази сигурно

Во Германија на викендот главен спортски настан беше фудбалот. Во Бундеслигата се одигра 11. коло, кое не донесе којзнае какви промени. Чудото од Хофенхајм, кое полека станува реалност и натаму е лидер на табелата. Избраниците на тренерот Ралф Рањик овој пат го прегазија тимот на Карлсруе со убедливи 4:1. Стратегот на лидерот на табелата е задоволен:

„Се разбира дека сме презадоволни, кога се знае дека ова е трета наша победа во исто толку натпревари и тоа само за шест денови. Кога ќе го погледнете последниот натпревар, воопшто нема да забележите дека играчите неделава без изложени на толкаво темпо, што се разбира дека заслужува голем комплимент„ изјави Рањик

Fussball Hoffenheim gegen Karlsruher SC Vedad Ibisevic nach dem 1 zu 0
Ведад Ибишевиќ, ХофенхајмФотографија: AP

Хофенхајм е на врвот со 25 бодови. Веднаш зад него е Баер Леверкузен, кој има бод помалку. Тимот на Бруно Лабадиа заслужено славеше против Волфсбург со 2:0. Се враќа и тимот на Баерн Минхен, кој повторно победи. Овој пат со 3:1 против Арминија Билефелд. Четвртиот едноподруго триумф на Баерн, го донесе тимот на третата позиција со 21 освоен бод. Пред три кола баварците беа на десетата позиција. Добар сигнал за тренерот Јирген Клинсман воочи важниот дуел во лигата на шампионите против Фиорентина.

Во добра форма е и четвртопласираниот Шалке 04, кој на гости во Котбус славеше со 2:0. Хамбургер разочара во дуелот против Хановер кој го загуби убедливо со 3:0. Непланиран пораз претрпе и Штутгарт, кој дома загуби од Келн со 3:1. Двата тима се на десетата и единаесетата позиција на табелата со по идентични 16 освоени бодови.

Вицешампионот од минатата сезона, Вердер Бремен со убедливата победа против Херта од 5:1 покажа дека кризата е надмината. Ова е прва победа за тимот на Томас Шааф по четири првенствени натпревари. Дополнителен мотив и поголема самодоверба воочи дуелот во лигата на шампионите против грчки Панатинаикос. Шааф верува во својот тим:

„Мислам дека одигравме добар натпревар и заслужено победивме. Покажавме повеќе од очекуваното и мислам дека ова е патот по кој треба да одиме. Притоа е најважно да не се загубат нервите и да се задржи концентрацијата„

Борусија Менхенгладбах никако да излезе од кризата. По вчерашниот незгоден пораз од Ајнтрахт Франкфурт од 2:1 и тоа на домашен терен, Борусија падна на претпоследното место на табелата со само 7 бодови. Тренерот Ханс Мејер беше разочаран:

„Денеска одигравме подобро за разлика од дуелот против Карлсруе. Меѓутоа на крај загубивме со 2:1 и останавме со празни раце„ изјави Мејер

Ајнтрахт Франкфурт по серијата падови, со важната победа во Менхенгладбах се проби на 12 позиција на табелата. Во вториот вчерашен дуел Борусија Дортмунд ги подели бодовите со Бохум. Конечниот резултат на овој дуел беше 1:1.