1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамарберг бара oд Бугарија да ги почитува правата на македонското малцинство

5 ноември 2010

Комесарот за човекови права на СЕ во писмото до премиерот на Бугарија, во врска со човековите права на малцинствата, меѓу другото бара Софија да се грижи за целосно почитување на правата на македонското малцинство.

https://p.dw.com/p/PzKQ
Комесарот за човекови права на СЕ, Томас ХамарбергФотографија: Toni Glamcevski

Писмото до бугарскиот премиер Бојко Борисов, било испратено на 7 октомври годинава и тоа е логично следење на извештајот за Бугарија, кој Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг го објави на почетокот од февруари 2010.

Отворен дијалог со македонското малцинство

Во овај извештај, Комесарот за човекови права на СЕ како загрозени етнички групи, покрај македонската, ги имаше наведено уште Ромите, Турците и Помаците. Тој тогаш побара бугарските власти да воспостават отворен, искрен и системски дијалог со претставниците на малцинствата, вклучувајќи го и македонското, во согласност со стандардите на Советот на Европа.

Во одговорот до Хамарберг испратен на 3 ноември, бугарскиот премиер Бојко Борисов, во однос на почитувањето на правата на македонското малцинство забележува, дека за случајот со ОМО Илинден бугарските власти ги спровеле на дело сите општи мерки, кои биле потребни. Тоа подразбира и промена на Законот за собири, митинзи и демонстрации, со што Бугарија се ставила во согласност со Европската конвенција за човекови права.

Борисов: Бугарските власти ги „поддржуваат“ активностите на ОМО Илинден-Пирин

Истовремено бугарскиот премиер тврди дека деталните информации кои биле доставени за јавните настани организирани од ОМО Илинден и ОМО Илинден-Пирин во последниве две години, „јасно даваат до знаење дека овие здруженија го уживаат правото на слободно собирање во согласност со законот кој се спроведува“. Борисов исто така тврди дека за реализацијата на општествените и културните активности ОМО Илинден и ОМО Илинден Пирин добивале поддршка од бугарските власти.

Итна грижа за целосно почитување на македонското малцинство

Но, и покрај овие тврдења на Софија, Хамарберг уште еднаш во писмото кое го упати пред еден месец, „под итно бара од бугарските власти да се грижат за целосно и ефективно почитување на правата и слободите на македонското малцинство, посебно нивното право на слободно здружување и мирно собирање.“

Комесарот за човекови права на крајот ги потсетува властите на Бугарија „дека правото на определување на едно малцинство претставува главен принцип врз кој треба да се темели секое демократско, плуралистичко општество и овој принцип треба ефективно да биде спроведен за сите малцинства без разлика дали тие се национални, религиозни или јазични.“

Дијалогот и Судот за човекови права се механизмите кои стојат на располагање

Дијалогот е единствениот ефикасен механизам во однос на почитувањата на правата на малцинствата, изјави неодамна Томас Хамарберг. Дијалогот продолжува со Бугарија во однос на македонското малцинство.

„Механизмот е всушност самиот дијалог. Ние одиме во земјите, дискутираме со нив, составуваме извештај и потоа се надеваме, дека тоа ќе доведе до други дискусии. Но нема специјални процедури за спроведување на препораките. Единствената процедура со која ние располагаме е самиот Суд за човекови права. Затоа јас се повикувам на неговите одлуки и јас ќе го продолжам дијалогот со владите.“

Хамарберг на крајот изразува надеж дека тоа ќе дозволи да се постигне напредок за да се заштитат целосно човековите права во овие земји.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска