Хаг бара потерница за апсење на Гадафи
16 мај 2011Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд Луис Морено Окампо потврди дека побарал да бидат издадени налози за апсење на либискиот лидер Моамер Гадафи, на неговиот син Сеиф ал Ислам, како и на шефот на разузнавачката служба Абдула ал Сануси, поради „широко распространети и систематски напади врз цивили“.
Судиите на Меѓународниот кривичен суд треба да се изјаснат дали ќе биде издаден налог за апсење на Гадафи и неговите соработници.
Морено Окампо изрази уверување дека постои основа за покренување на обвинение против Гадафи и неговите најблиски соработници. Според него, само во февруари во насилствата во Либија се убиени од 500 до 700 лица.
Триполи претходно објави дека ќе ги игнорираат одлуките на Обвинителството и на судиите на Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
Либија, како и многу африкански земји и САД, не го потпиша Римскиот статут за основање на Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
Автор: ЖА/БГ/миа
Редактор: Жана Ацеска