Функционира ли контролата на финансирање на медиумите и партиите?
28 ноември 2010Јавните тврдења на сопственикот на телевизијата А1 Велија Рамковски дека премиерот Никола Груевски ги плаќал партиските реклами на ВМРО-ДПМНЕ со буџетски пари го отвораат прашањето колку вистински Македонија се бори против корупцијата во клучните општествени сегменти.
Изјавата на Рамковски според експертите само го исфрлила на виделина она за што во јавноста одамна се алармира, дека Македонија се уште нема расчистено со контролата и начинот на финансирањето на медиумите и партиите: „Ова сериозно отвора простор да се размисли како функционираат институциите и како се спроведува контролата на финансирањето на медиумите и политичките партии, затоа што тука се генераторите на сите проблеми со корупцијата. Ова е корупција, и ако се констатира, а мислам дека тие што ги примаат или трошат парите најдобро знаат од каде тие доаѓаат, тогаш сериозно треба да се преиспита и да се види што се случува, зошто станува збор за коруптивни односи“, вели Слаѓана Тасева претседател на невладината организација транспарентнот Нулта корупција.
Корупцијата е една од клучните забелешки во сите досегашни извештаи на ЕК
Тасева предупредува дека Македонија оваа битката ја води само декларативно: „Постои многу силна контрола врз сите институции што треба да прават нешто од страна на моќен политички центар. Се’ додека е тоа така тешко дека ќе имаме резултати во борбата против корупцијата. Сите укажувања од ЕУ и сите релевантни меѓународни институции велат дека имаме закони, но немаме институции и политичка волја“, вели Тасева.
Покрај корупцијата, една од клучните забелешки во последните четири извештаи на Европската комисија е дека во Македонија постои нелојална конкуренција и незаконска концентрација на печатени и електронски медиуми. Според анализите на Советот за радиодифузија, македонската влада во периодот 2007, 2008 и 2009 година за рекламни кампањи потрошила 34 милиони евра.
Автор: Костадин Делимитов
Редактор: Александра Трајковска