Фузија на две големи банки во Германија
2 септември 2008Поволната цена ни оддалеку не е гаранција за добар бизнис - тоа искуство го доживеа на своја кожа осигурителната компанија Алијанц од Минхен: во 2001-ва плати 24 милијарди евра за да ја купи Дрезднер банк, во меѓувреме таа и’ носеше само загуби, а сега ја продаде за 9,8 милијарди.
Волфганг Герке, експерт од областа на банкарството, верува дека Комерцбанк ќе помине подобро: „Верувам дека менаџментот ќе воспостави контрола во оваа фузија. Таа е огромна шанса, но исто така и огромен ризик. Мора да се спојат две култури - два конкурента, кои водеа многу тврда конкурентска борба и не се поштедуваа меѓу себе, сега треба да настапат како една целост. Тоа нема да оди преку ноќ“, смета Герке. Сега претстојат обемни реформи. Во наредните години треба да бидат укинати до 10 илјади работни места.
Не е загрозена водечката позиција на Дојче банк
Со големата фузија повторно се динамизира расцепканиот германски банкарски пазар. Дојче банк со билансна сума од околу 2 илјади милијарди евра останува неприкосновено водечка, а со фузијата на досега втората и третата по големина банки се зголемува нивната разлика во однос на другите конкуренти предводени од Хипоферајнсбанк. Големината сама по себе не е доволна. Новите сопственици треба да ја доведат Дрезднер банк до позитивно работење, инаку нејзината криза ќе влезе во наредната рунда, само сега на товар на Комерцбанк.
►◄