1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фудбал во еден поинаков свет

Џ. Заксе/Б. Георгиевски13 септември 2013

Двајца тренери работеа на развој на фудбалот во преку 100 клубови на пет континенти. Искуствата на Холгер Оберман и Ото Флисте покажуваат дека љубовта кон фудбалот е иста, без разлика каде се наоѓате.

https://p.dw.com/p/19gtn
Фотографија: picture-alliance/Initiative Deutscher Fußball Botschafter

На почетокот на неделава во германското Министерство за надворешни работи за нивниот фудбалски ангажман им беше оддадено признание на двајца тренери, Холгер Оберман и Ото Флистер.

„Она што луѓето го нарекуваат страв, јас тоа не го познавам“, вели Оберман. Тој раскажува како есента 2003 година седел со капитенот на неговиот тим и со еден играч од Туркменистан во еден хотел во Авганистан. Авганистан сакал по повеќе децении повторно да биде домаќин на еден репрезентативен меч. Во моментот додека ги договарале боите на репрезентативните дресови, на другиот крај на хотелот удрила ракета.

Веќе двапати во својата кариера Оберман имал среќа при вакви напади и извлекол „жива глава“. Но тоа не го поколебало во неговата хуманитарна мисија во Авганистан. Планираниот меч се одиграл, а Авганистан загубил од Туркменистан само со 0:2. Оберман бил горд.

Годинава во Авганистан домашната лига ја започна втората сезона. Осум тимови во Кабул се борат за насловот. Оберман е пресреќен поради спортскиот напредок на земјата. Веќе неколку години не работи таму како тренер, но редовно ја посетува земјата. Досега вкупно школувал 180 тренери во земјата, меѓу нив и актуелниот селектор на репрезентацијата Јусеф Каргар. „Него го испратив и на обука во Германија“, вели Оберман.

Initiative Deutscher Fußball Botschafter 2013 Holger Obermann
Холгер ОберманФотографија: picture-alliance/Initiative Deutscher Fußball Botschafter

Минатата недела репрезентацијата на Авганистан отпатува на пријателски натпревар во Непал. А токму таму, во 1990 година Оберман го започна својот прв проект како хуманитарен фудбалски тренер. Кога го побарале од Министерството за надворешни работи, и‘ ставил крај на својата кариера на телевизиски новинар и заминал без размислување. За својот ангажман во преку 60 држави ја доби наградата „Германски фудбалски амбасадор“, како и фонд со кој планира да изгради фудбалско игралиште во Непал.

На свеченоста во Берлин се сретна и со својот колега и пријател Ото Флистер.

Поинакви правила

Нему, пак, му пречат „стегнатите“ правила на германското општество, раскажува 75-годишниот Флистер додека пали цигара во просториите на германското МНР, каде пушењето, се разбира, е забрането. Разговорот со него покажува дека Флистер го прифатил менталитетот на континентот каде работи веќе долги години - Африка.

Otto Pfister Fußballnationaltrainer
Ото ФлистерФотографија: picture-alliance/dpa

„Од 10 тренери кои ќе заминат да работат во странство, осуммина неславно ја завршуваат кариерата, затоа што прават едноставни грешки“, вели Флистер. Таму воопшто не помагаат опеаните „германски квалитети“. Секој тренер кога ќе отиде во странство мора да се навикне на менталитетот на земјата - таму го чекаат друг јазик, поинакви проблеми, различно општествено опкружување. „Само оној кој ќе се прилагоди и ќе остане концентриран на фудбалот има шанси да успее“, вели Флистер.

Од играчите со кои работел, тој го издвојува Камерунецот Самуел Ето, чија репрезентација ја предводел. Ето, објаснува Флистер, се бори да заработи што повеќе пари, но не поради тоа што е алчен, туку затоа што со тие милиони тој храни цела една општина во татковината. Тоа е неговата главна мотивација, вели тренерот.

Флистер во последните 50 години тренирал тимови во повеќе од 20 земји, мнозинството во Африка. Во моментов ја тренира репрезентацијата на Тринидад и Тобаго, но со оглед на слабите резултати во квалификациите, наскоро веројатно ќе си бара нов ангажман.