1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фудбалскиот стадион во нов сјај

26 април 2011

Фудбалскиот стадион „Филип Втори Арена“ е пуштен во употреба. Спортската промоција ќе ја доживее на 4 јуни, со мечот од квалификациите за Европското првенство меѓу Република Македонија и Република Ирска.

https://p.dw.com/p/113tp
Стадионот „Филип Втори Арена“ во СкопјеФотографија: DW
Новото лице што го доби стадионот, синоним за македонските фудбалски остварувања со децении наназад, е сосема добро, европско. Ако се земе предвид дека е ова којзнае која по ред етапа на реновирање на стадионот во Градскиот парк во Скопје, сега со името „Филип Втори Арена“. Стадионот беше пуштен во употреба во присуство на неколку десетини гости и со огномет, а без спортски натпревар. Со поставените седишта на источната и западната трибина, со кровната конструкција со сите други инфраструктурни зафати, ги доби потребните меѓународни стандарди.
За „Филип Втори Арената“, Диме Спасов, директорот на Агенцијата за млади и спорт вели дека е најграндиозниот спортски објект во Македонија. „’Арената Филип Втори’ долго време ја чекаа сите граѓани на Р. Македонија и сите спортисти. Верувам дека оваа грандиозна арена претставува гордост за сите граѓани на нашата држава“.
Модерен стадион за врвни натпреварувања
Со завршувањето на работите на трибинскиот простор и со поставувањето на големите видео-скринови, објаснува Спасов, „Филип Втори Арената“ го доби очекуваниот сјај. „Сега стадионот брои повеќе од 32 илјади седишта. Исто така
Dime Spasov
Диме Спасов, директорот на Агенцијата за млади и спортФотографија: DW
набавени се нови, модерни по највисоки стандарди ЛЦД- монитори, кои ќе бидат два, на источната и западната трибина. Тие имаат димензии од 108 метри квадратни- едни од најголемите вакви екрани во Македонија и на Балканот. Исто така два монитори има и од надворешните страни, на северната и на јужната трибина, со цел сите оние минувачи во градскиот парк, за време на спортските натпревари да можат во живо да ги следат“.
На прашањето за чинењето на работите на објектот, од Спасов не добивме податок. Не упати на Јавното претпријатие за станбен и деловен простор, кој е инвеститор на изградбата. Директорот на Јавното претпријатие Владимир Бахчовановски не информира дека во стадионот се вложени една милијарда денари. Завршниот изглед, стадионот сепак ќе го добие на есен, вели Диме Спасов. „Ваков грандиозен и прекрасен спортски објект заслужува и нов тревник и атлетска патека. Тие се во план на изработка и очекуваме до септември месец 2011-та, да биде наместен новиот терен, заедно со атлетската патека, со цел да може да се одигруваат и фудбалски и атлетски натпревари по највисоки стандарди“.
На 4 јуни, со мечот од квалификациите за Европското првенство меѓу Република Македонија и Република Ирска, „Филип Втори Арената“ ќе ја има својата натпреварувачка промоција.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска