1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фрајбург и Мајнц во битка за излез во Европа

Сара Вирц/Б. Георгиевски11 февруари 2013

По 21. коло во германската Бундеслига Бајерн Минхен ја зголеми предноста на врвот на табелата и сега единствен предизвик му е да го урне сопствениот рекорд. Најинтересно e во битката за европските купови.

https://p.dw.com/p/17bud
Фотографија: picture-alliance/dpa

Фрајбург ја совлада Фортуна Диселдорф со 1:0 во последниот меч од 21. коло и се искачи на петтото место на табелата во Бундеслигата. Иако делуваше како мечот да ќе заврши без голови, Крмаш со погодок во 87. минута, му донесе важни три бода на својот тим.

Една позиција подолу од Фрајбург е тимот на Мајнц кој стигна до бод на гостувањето кај Аугсбург. Гостите поведоа со 1:0 со голот на Шалаи во првото полувреме, но по исклучувањето на Паркер, Аугсбург ја искористи предноста од играч повеќе и стигна до важен бод во битката за опстанок, иако остана претпоследен на табелата.

До крајот на првенството остануваат уште 13. кола и речиси никој повеќе не верува дека до титулата може да стигне некој друг освен Бајерн Минхен. Баварците имаат 15 бодови предност пред бранителот на титулата Борусија Дортмунд и 16 пред третопласираниот Бајер Леверкузен. Бајерн во саботата уште еднаш покажа зошто е суверено на врвот по рутинската победа на Шалке од 4:0, пред своите навивачи во Минхен. Единствен мотив за фудбалерите на Бајерн до крајот на сезоната ќе биде да го урнат клупскиот рекорд од сезоната 1972-1973, кога титулата беше освоена со 20 бода предност пред најблискиот ривал.

Fussball 1.Bundesliga FC Bayern München gegen FC Schalke 04 Mario Gomez
Голем чекор кон титулата за Бајерн - Марио ГомезФотографија: picture alliance/GES-Sportfoto

За фудбалерите на Шалке, пак, сезонава се заканува да заврши катастрофално, откако тимот кој беше на втората позиција на табелата кон крајот на ноември, сега се наоѓа на 10. место и речиси ги загуби шансите за европски фудбал следната есен.

Борусија изненадена од Хамбургер

Двата тима кои се зад Бајерн на табелата, Борусија и Бајер, немаа успешни викенди. Борусија загуби на домашен терен од Хамбургер со 4:1. Клучен момент на мечот беше црвениот картон кој го заработи напаѓачот на Борусија, Левандовски, во првото полувреме.

Бајер, пак, мораше да се задоволи со бод од гостувањето кај локалниот ривал Борусија Менхенгладбах. Одличниот меч заврши со конечен резултат од 3:3.

Единствениот меч без голови изминатиот викенд го одиграа Ајнтрахт и Нирнберг во Франкфурт. Она по што ќе остане запаметен мечот беше дивеењето на гостинските навивачи по кое полесно повредени беа 19 полицајци.

Fußball Bundesliga 21. Spieltag Borussia Dortmund Hamburger SV
Хамбургер ја изненади Борусија во ДортмундФотографија: Getty Images

Пет гола паднаа на мечот Штутгарт-Вердер, повеќето за гостите. Вердер однесе убедлива победа од 4:1 на тешкото гостување и сега може да се надева на борба за позициите на табелата кои водат во европските натпреварувања. Штутгарт, пак, по низата лоши резултати се најде на само два бода од местото кое води во бараж натпреварите за испаѓање од лигата.

Во уште потешка ситуација е Хофенхајм по поразот на гостувањето кај Хановер од 1:0. Се‘ помали се шансите дека тимот ќе избори опстанок во лигата, а до крајот на сезоната ќе води битка со тимовите од дното за 16. позиција која води во баражот.

Таква надеж речиси и да нема за тимот на Гројтер Фирт кој загуби пред домашната публика од Волфсбург со 0:1.