Фрајбург ги задржа шансите за Европа
6 мај 2013Благодарение на победата над Аугсбург од 2:0, фудбалерите на Фрајбург можат и натаму да се надеваат на излез во Европа. Аугсбург пак, со поразот, ги загуби шансите да се извлече од дното на табелата, каде е на претпоследно место.
Во вториот натпревар од Бундеслигата што се одигра вчера (05.05) Хамбургер и Волфсбург се разделија со нерешен резултат 1:1.
Во саботата (04.05) во дуелот кој беше тест пред финалето на Лигата на шампиони, Борусија Дортмунд и Бајерн Минхен, беше постигнат исто така нерешен резултат 1:1. Нерешено беше и на натпреварот меѓу Хановер и Мајнц 2:2, како и на дуелот меѓу Вердер Бремен и Хофенхајм 2:2. Фортуна Диселдорф, која се бори за опстанок, доживеа пораз од 1:3 од Ајнтрахт Франкфурт. Гројтер Фирт пак, кој сигурно ја напушта Бундеслигата, малку го поправи бодовното салдо со победата над Штутгарт со 2:0.
Бајер Леверкузен со победата над Нирнберг од 2:0 си го осигура местото во Лигата на шампиони наредната сезона. За место во Европскиот куп се бори и Борусија Менхенгладбах, која во ова коло беше поразена од Шалке со 0:1.