1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фратини: Решението на спорот за името би било добро и за Европа!

21 ноември 2011

На тригодишнината од покренувањето на тужбата против Грција за кршење на Привремената спогодба за Дојче веле зборува поранешниот италијански шеф на дипломатијата Франко Фратини.

https://p.dw.com/p/13CnO
Франко Фратини останува во политиката!Фотографија: picture-alliance /dpa

„ Јас сум апсолутно сигурен: прашањето околу името мора да се реши еднаш за секогаш. Што побрзо - тоа подобро! На тоа со полн капацитет  работев во времето кога бев министер за надворешни работи, во тешкиот период на италијанското претседателство со ЕУ во 2003. Потоа ги продолживме дискусиите. Но, без конечен  резултат. Искрено кажано сметам дека и двете страни - и Македонија и Грција имаат заеднички  интерес да најдат решение“, изјави за македонската програма на Дојче веле Франко Фратини, кого го прашуваме : дали е возможно решавањето на  проблемот со името да се  оддели од пристапните преговори и двата процеса да течат паралелно и независно еден од друг?
„ Ова според мене би била добра опција. Но, е невозможна зашто нема едногласен  консензус. Ова е проблем и ќе биде се’ додека во надворешната политика на ЕУ работите се одлучуваат со консензус“, дополни Фратини.

Поголема политичка одговорност на ЕУ

Во изминативе две децении,  Македонија мораше и се’ уште мора самата да се справува со проблемот што го наметна Грција. Дали во овој период Европската Унија  добро ја води оваа политика ?
„ Ќе повторам. Ни треба повеќе политичка Европска унија. Доколку има повеќе политички одлуки,  ќе може да се донесе и одлуката како оваа. Доколку се држите до принципот на едногласност, значи дека ќе нема решение се’ додека нема едногласност. И ова е проблем кој се’ уште ги детерминира насоките“, објаснува Фратини кој сепак е оптимист:
„ Се надевам дека можеби тешките моменти на економската криза ќе се одразат и врз  Грција  да направи исчекор во однос на Македонија со што ќе придонесе, како би рекол, да се тргне од маса најмалку едно прашање. Во моментов, на маса  има толку многу прашања, од кои барем едно би се решило! И тоа би било добро за Европа !“, смета Франко Фратини кој во новата италијанска влада нема министерска функција, но останува во политиката и како вели ќе се ангажира за решавањето на проблемот на Македонија:
„Ќе работам со мојот полн капацитет како член на италијанскиот парламент. Ќе се обидам  да го забрзам процесот. Мислам дека сега би бил вистинскиот момент!“, коментира Франко Фратини, за македонската програма на Дојче веле.

Автор: Силвера Падори-Кленке

NO FLASH EU Flagge Symbolbild Kommission in Brüssel
ЕУ треба да носи повеќе политички одлуки!Фотографија: AP

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема