1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фратини : Бугарија да ги почитува одлуките на Европскиот суд

Тони Гламчевски12 ноември 2007

Европратениците не попуштаат со притисокот за регистрацијата на полтичката партија на македонското малцинство во Бугарија, ОМО Илинден-Пирин.

https://p.dw.com/p/CASN
Софија-сеуште не се спроведуваат одлуките од СтразбурФотографија: picture-alliance/ dpa

По втор пат, за нецели два месеци, европскиот комесар за правда Франко Фратини, уште еднаш јасно побара Бугарија да ги почитува одлуките на Европскиот суд за правата на човекот во случајот ОМО Илинден-Пирин против Бугарија. Ова произлегува од одговорот упатен во пишувана форма до европските пратеници Сеп Кустатчер, Гизела Каленбах, Микел Ирујо Амезага, Јоост Лагендијк и Ангелика Беер. Европратениците од редовите на Зелените и Европската Слободна Алијанса, сакаа да дознаат кој е ставот на Европската комисија по најновото одбивање на регистрацијата на ОМО Илинден-Пирин од бугарските судови, со што партијата не можеше да учествува на локалните избори.

Фратини се повикува на одговорот што го даде пред еден месец, односно дека Комисијата не може да интервенира во државите членки на Унијата за прашања кои се однесуваат на признавањата на политичките партии, со оглед дека ова прашање не е опфатено во спроведувањето на европското заедничко право. Потсетувајќи уште еднаш дека сите држави членки се должни да ги почитуваат одлуките на Европскиот суд за правата на човекот.

Без коментар за непризнавањето македонско малцинство

Комисијата не сака да го коментира непризнавњето на македонско малцинство во Бугарија, бидејќи според постоечките документи – Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, државите потписнички самите определуваат кои малцинства „официјално постојат“ на нивната територија.

Европската Комисија притоа потсетува дека европската директива од 29 јуни 2000 ги заштитува сите лица во ЕУ против дискриминациите врз расна или етничка основа.

Наедно таа се ангажира да провери дали таа директива е пренесена во националните законодавства, но не може да направи инвентар на кршењата на правата на Македонците од страна на бугарската влада, како што бараат европратениците.

Тешко без европска поддршка

Стојко Стојков од ОМО Илинден-Пирин за поддршката која ја добиваат од страна на европските парламентарци, за Радио Дојче Веле нагласува:

„За нас нивната подршка значи извонредно многу, во сите овие години што ги поминавме во одење по маките во политичкиот живот на Бугарија. Ние констатиравме дека без европска поддршка, практично ништо не се подобрува во однос на Македонците во Бугарија. Затоа ние го изнесовме прашањето на европско ниво. И за нас поддршката од Европската Слободна Алијанса е од огромно значење, за да можат сите европски институции да се запознаат со нашите проблеми.“

Пред Комитетот на министрите на Советот на Европа, каде деновиве повторно се разгледуваа предметите за непочитувањето на правото на слободно здружување и собирање на припадниците на македонското малцинство во Бугарија,бугарската влада во Стразбур ги повтори ставовите дека под исполнувањето на пресудата на Европскиот суд за правата на човекот, не се подразбира и автоматската регистрација на партијата ОМО Илинден-Пирин.

Во меѓувреме Секретаријатот на Советот на Европа, работи со бугарските власти на изнаоѓање на решение за повторната регистрација, односно враќањето на регистрацијата на ОМО Илинден-Пирин.