1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Французинките мора да ги отстранат вештачките гради!

23 декември 2011

Француското министерство за здравство им препорача на 30 000 жени во земјата да ги отстранат силиконските имплантанти од градите по појавувањето на осум случаи со рак. Препораката се чекаше во Европа, но и Јужна Америка.

https://p.dw.com/p/13Y6a
Имплантати за градиФотографија: AP

Министерството за здравство ја даде препораката за отстранување на силиконските имплантанти, иако во исто време објави дека не постои ризик за појавување на рак од имплантантите произведени од француската фирма „Поли Имплант Протесе“. Во изјавата се вели и дека постојат ризици од протекување на силиконот. Оваа мерка може да ја чини владата многу, во време кога економијата во земјата се соочува со нова рецесија.

Францускиот министер за здравство Ксавиер Бертранд рече дека владата дава препорака за отстранување на силиконите како мерка на претпазливост, додавајќи дека не е ургентно тоа да се направи. Француската компанија произведуваше по 100 000 имплантанти годишно, пред нејзините производи да бидат повлечени од пазарот во 2010-та година. Тогаш се откри дека користела недозволен силиконски гел кој предизвикувал невообичаено високо истекување на материјата. Истрагата покажа дека компанијата наместо поскап медицински силикон, користела индустриски силикон и со тоа заштедила годишно 1 милион евра.

Schönheitsoperation
Операциите за разубавување носат и ризициФотографија: dpa

Документите од компанијата покажуваат дека такви силиконски имплантанти имаат жени во 65 земји во светот, посебно во Западна Европа и Јужна Америка. Во Европа тие се продавале во Британија, Шпанија, Италија и Германија, а во Јужна Америка во Венецуела, Бразил, Колумбија и Аргентина. Повеќе од 2 000 жени од Франција побараа кривична истрага за фирмата „Поли Имплант Протесе“.

Автор: Александар Методијев /афп/ројтерс/дпа/ап

Редактор: Ж.Ацеска