1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција ја укинува „љубовта за пари“?

ЖА/дв/дпа/афп/епд30 ноември 2013

Французите кои во иднина ќе се решат на секс со проститутки, ќе треба да платат околу 1500 евра. Соодветниот закон наиде на согласност во Националното собрание.

https://p.dw.com/p/1AQyT
Фотографија: imago/Jochen Tack

Во Франција одамна се дискутира околу коректниот пристап кон проституцијата. Подведување и бордели се забранети со закон веќе со години, исто како и принудната проституција. Затоа, проститутките често работат на улица.

Ново во актуелната законска регулатива е што во иднина ќе бидат казнувани и корисниците на сексуални услуги. Оној кој ќе биде фатен при купување секс, може да плати до 1500 евра, а при повторно фаќање, дури и 3 илјади евра. Законот за кој вчера (29.11.2013) се дискутираше во Парламентот на овој начин предвидува целосен пресврт во досегашната политика.

Предлог-законот заеднички го поднесоа социјалистичкиот пратеник Мод Оливие и конзервативниот, Ги Жефру, со поддршка на француската министерка за правото на жените, Нажат Валу-Балкасем.

Symbolbild Prostitution
Фотографија: picture-alliance/AP

„Проститутките се жртви“, вели Оливие. Владиниот табор е поделен околу ова прашање. Министерката Валу-Балкасам го навлече врз себе гневот со најавата за укинување на проституцијата како своја цел. Опозиционата партија УПМ го поддржува законот, а Партијата на зелените е против. При првото гласање во Националното собрание, главниот дел на законот синоќа доби мнозинство. Целиот закон ќе биде на усвојување в среда, а потоа ќе треба да се изјасни и Сенатот.

Противниците на законот аргументираат дека „платената љубов“ и така не може да се укине. Заканите со поголеми казни за муштериите, според нив, само ќе ги натераат проститутките да работат на црно и на таков начин ќе паднат вистински во рацете на бескруполозни искористувачи. Еден од пратениците - социјалисти предупреди: „Законодавецот нема право да се меша во сексуалноста на Французите“.

Министерството за внатрешни работи во Париз проценува дека во земјата од проституција како главна професија живеат околу 20 илјади жени. Францускиот синдикат на сексуалните работници, Страс, смета меѓутоа дека со сексуални услуги се занимаваат дури 400 илјади луѓе. За разлика од пред 20 години, најголем дел од нив сега се од странство: 80 до 90 проценти доаѓаат од источна Европа, Африка, Кина или Латинска Америка. Многу од нив се жртви на трговија со луѓе или принудна проституција.

За пример на Французите им служи Шведска, каде корисниците на сексуални услиги се кривично гонети уште од 1993 година. Напротив, како негативен им служи праксата во Германија, каде од 2002 година проституцијата е призната за легална професија, а сексуалните работници можат да основаат фирма и социјално да се осигураат.