1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција ја почна воената мисија во Централноафриканската Република

ЖА/дв/дпа/ртре6 декември 2013

Франција со воени трупи интервенира против крвавиот конфликт во Централноафриканската Република. По најновите жестоки судири таму, Советот за безбедност на ОН ја одобри воената интервенција.

https://p.dw.com/p/1AU7m

Франција го започна својот воен ангажман во Централноафриканската Република со патроли во главниот град Бангуи. За акцијата се ангажирани трупите кои веќе биле стационирани на аеродромот, изјави министерот за одбрана, Жан Ив Ле Дриан во Париз.

Францускиот претседател Франсоа Оланд вчера, веднаш по одлуката на Советот за безбедност на ОН, најави дека воена интервенција на неговата земја почнува веднаш.

„Со оглед на итноста на ситуацијата, одлучив итно да дејствуваме, уште вечерва во координација со Африканците и со поддршка на европските партнери, изјави Оланд, истакнувајќи дека Франција нема друга цел освен спас на човечки животи.

Според Оланд 650-те француски војници, распоредени во ЦАР со мандат на претходната резолуција на ОН, ќе бидат поддржани уште со толку во период од неколку дена. ЕУ синоќа ја поздрави одлуката на ОН и објави дека разгледува доделување финансиска помош за меѓународната воена мисија во ЦАР.

Инаку, состојбата изминатата ноќ во Централноафриканската Република била мирна, по претходните вооружени судири меѓу муслиманските бунтовници, кои ја прeзедоа власта во земјата, и христијанските милиции, поддржувани од борци, лојални на соборениот претседател Франсоа Бозизе.