1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција ги засилува трупите во Централна Африка

ЖА/дв/макфакс25 март 2013

По насилното заземање на престолнината на Централоафриканската Република од бунтовниците, Франција испрати дополнителен број војници. Бунтовниците најавија почитување на мировниот договор од јануари.

https://p.dw.com/p/183bJ
Фотографија: AFP/Getty Images

Околу 350 француски војници деновиве се испратени од Либревил во Бангуи, главниот град на Централоафриканската  Република, за да ја гарантираа безбедноста на француските и другите странски државјани во оваа земја во срцето на Африка.

Првата единица од двесте војници пристигна уште во саботата, а ним им се придружиле уште 150 војници во неделата, со што вкупниот број француски војници во оваа африканска земја достигна 600.

Во Централоафриканската Република веќе од претходно беа стационирани 250 француски војници. Франција во Габон има воена база, од каде што редовно испраќа трупи доколку избие криза во регионот. Така во декември 2012 година во времето на првата бунтовничка офанзива, ги испрати првите 250 војници во Бангуи. Потврдувајќи во неделата дека претседателот на Централоафриканската Република, Франсоа Бозизе го напуштил главниот град Бангуи кој го зазедоа бунтовниците, францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус повтори дека ги повикал француските државјани во престолнината да бидат „претпазливи“ и да „останат во своите домови“.

Zentralafrika Konflikt Rebellen
Бунтовниците најавија почитување на постигнатиот мировен договорФотографија: SIA KAMBOU/AFP/Getty Images

Освен француските и странските државјани, француските војници од саботата го обезбедуваат и аеродромот во Бангуи, но засега не се размислува за евакуација на околу 1200 француски државјани кои живеат во Бангуи.

Престолнината на Централоафриканската Република беше освоена по секавичната офанзива што бунтовниците од коалицијата Селека ја преземаа за да го соборат од власт претседателот Бозизе кого го обвинуваат дека не го почитува мировниот договор потпишан во јануари. Бозизе исчезна откако во неделата беше заземена неговата претседателска палата.

Главната групација на бунтовниците Селека, се проби во главниот град на Централоафриканската Република кон крајот на минатата 2012 година, откако го обвини претседателот Бозизе дека не го почитува мировниот договор според кој на нејзините борци треба да им исплати надоместоци и да им даде вработувања во замена за полагање на оружјето.

Ова насилство е последното во низата упади, судири и државни удари кои ја обременуваат оваа земја во срцето на Африка без излез на море, откако ја стекна независноста од Франција во 1960 година.