Формула 1: трета победа на Рено, неуспешно деби на новиот болид на Ферари
4 април 2005Третата трка од годинашното светско првенство во автомобилизам формула еден за „Големата награда на Бахреин“ ја потврди доминацијата на Рено со победата на 23-годишниот Шпанец Фернандо Алонзо, втора последовна и трета воопшто во неговата кариера. Тој води и во генералниот пласман со 26 бодови. Значаен успех забележа и тимот на Тојота: Италијанецот Јарно Трули го освои второто место – како и на претходната трка, а германскиот возач Ралф Шумахер е четвртопласиран. Трули по трите досега одржани трки сега е на второто место со 10 бодови помалку од Алонзо. Во конкуренција на конструктори Рено води со 36 бодови, Тојота има 25, Мекларен Мерцедес 19. Неговиот возач, Финецот Кими Рајконен, беше третопласиран на трката во Бахреин, а вториот член на тимот, Шпанецот Педро де ла Роза, кој возеше како замена за повредениот Монтоја, со смел настап го освои 5-тото место.
Шампионскиот тим на Ферари, наместо пресврт, доживеа нов удар: Михаел Шумахер, кој со новиот болид, употребен веќе на оваа трка иако беше планирано да дебитира дури на 8-ми мај во Барселона, се избори за втора стартна позиција, веќе во 13-от круг поради дефект мораше да се откаже. Рубенс Барикело упорно возеше до крајот, но исто така поради технички проблеми остана без бодови, завршувајќи на 9-тото место. Инаку, болидите на Ферари имаа црна боја на предниот дел во знак на жал поради смртта на Папата Јован Павле Втори, а возачот на Тојота Јарно Трули на заштитниот шлем залепи порака „Благодарам, Папа“.
Наредната трка за „Големата награда на Сан Марино“ се вози на 24-ти април на патеката во Имола.