„Флерт-берза“ на универзитет
17 јуни 2013На оној кој ќе се заљуби, понекогаш му недостига храброст тоа да го каже. Студентите на универзитетот Ерланген-Нирнберг сега имаат нови можности за стапување во контакт.
Максимилијан Вимелбахер објаснува: „Малкумина се сами на универзитетот. Често младите се движат во групи. Ако некој студент пријде на група од четири девојки, на пример, и на едната и‘ рече: ми се допаѓаш, би пиела ли кафе со мене? Трите девојки притоа стојат тука и ќе се смеат. Така момчето ќе се чувствува како некој идиот. Затоа, тој подобро не пристапува“.
Затоа студентот по економија Максимилијан Вимелбахер најде решение, за човек да не прави смешен од себе. 25-годишниот ја основаше интернет страницата „Спотед ФАУ Ерланген-Нирнберг“:
„Ако некој види некого на предавања, на вежби, во библиотеката, дури и на испит, каде се случувало да му го одврати вниманието дури и од полагањето, тогаш едноставно ни пишува една порака - видов една личност која ми падна в очи, таму и таму.“
Потоа ја испраќа пораката.
Така, еден студент на пример пишува: „Ти се поздрави со мене со толку слатка насмевка, толку ми беше симпатична, едноставно морам да те видам повторно. Те молам, јави се“.
Интернет страницата има веќе над седум илјади фанови.
„Колку често човек седи во амфитеатарот, здогледува згодна дама и радо би почнал разговор со нејзе. Но, тоа не е толку едноставно“, смета еден од студентите.
Една студентка пак не е толку одушевена: „Делумно, добро е кога луѓето можат, така да се каже, да се изразат. Но, од друга страна, на некој начин е тажно што е потребен интернетот за да се почне контакт со некого. Мислам, ако сретнеш некого, можеш директно да му пријдеш и да му речеш нешто - здраво, ми се допаѓаш.“
Но, понекогаш на љубовта и‘ треба заобиколен пат.