1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фитнес-клуб за муслиманки

Томас Клајн/ Александра Трајковска20 декември 2012

Муслиманките во Келн веќе пет години имаат можност да спортуваат без притоа да стравуваат дека со тоа ја кршат верата. За нив тука има единствена понуда - фитнес-клуб за муслиманските жени.

https://p.dw.com/p/176G6
Фотографија: Emine Aydemir

Траката за трчање е омилената справа на Нургул Корук. Не само што и’ причинува задоволство да тренира на неа, туку може да разговара со другите жени. „Интересно е, многу се смееме“, вели 26 годишната Турчинка.

Нургул од секогаш го сакала спортот. На училиште беше една од најдобрите на наставата по физичко воспитување. Иако носеше шамија, тоа не и’ пречеше, а училишните другари не ја познаваа поинаку. Меѓутоа кога заврши со училиштето, за неа заврши и спортот. „Со оглед на тоа што сум покриена, не можев да одам во нормално фитнес-студио. Имено таму постои голема веројатност да се присутни и мажи или тренерот да е маж“. Единствена можност да спортува за неа беше сама да вежба гимнастика, дома или да џогира.

Единствено фитнес-студио

Muslimisches Fitnessstudio Hayat
Емине Ајдемир, сопственичка на фитнес-студиотоФотографија: Emine Aydemir

Нургул меѓутоа дозна за фитнес-студиото за муслиманки во келнската населба Бикендорф. Мажите овде немаат пристап и затоа муслиманките можат да ги одврзат шамиите и слободно да се движат. Овој фитнес-клуб го отвори Турчинката Емине Ајдемир во април 2007 година, бидејќи многу добро знаеше со какви проблеми се соочуваат нејзините сонароднички во Германија.

„Бидејќи по моите бремености многу се здебелив, сакав да преземам нешто за мојата фигура. Затоа се пријавив во нормално фитнес-студио и тоа ми причинуваше големо задоволство“, вели Ајдемир. Но, оваа Турчинка таму не можеше да тренира без шамија, бидејќи сопственикот, маж, постојано беше присутен. Или, пак, човекот што ги чистеше прозорците или поштарот ненадејно ќе дојдеше, се сеќава Ајдемир.

Така, оваа 43 годишна Турчинка дојде на идеја да отвори фитнес-студио за муслиманки. Го нарече „Хајат“ односно „живот“. Со оглед на тоа што претходно имаше продавница за зеленчук и овошје не ја уплаши тоа да извршува самостојна дејност. Кога го отвори студиото имаше сто членови, а денес има 400.

Меѓународни клиенти

„Моите муштерики доаѓаат од секаде. Има турски, арапски, југословенски и полски членки“, појаснува Емине Ајдемир. Исто така доаѓаат жени кои не се муслиманки, бидејќи живеат во близина и бидејќи чланарината за едно вакво ретко студио е релативно поволна.

Muslimisches Fitnessstudio Hayat
Фитнес-студиото „Хајат“ во КелнФотографија: Emine Aydemir

Фитнес-студио само за жени во Германија не е новина. Но, во „Хајат“ не само што има забрана за мажи, туку важат и други правила, кои играат важна улога за муслиманките. „Кај нас во исламот, жените и меѓу себе неможат да бидат толку слободни. Интимните делови во никој случај не смеат да се покажат. Овде немаме збирни тушеви, туку само туш кабини, кои се одделени“, појаснува Ајдемир. Исто така и во сауна жените не смеат да бидат без никаква облека, туку се обвиткуваат со посебен пешкир за во сауна.

Разнолика понуда

Емине Ајдемир на своите муштерики им нуди вообичаена програма на едно нормално студио - фитнес, тренинг за кардиоваскуларниот систем, сауна и солариум. За секоја жена подготвува индивидуална програма. Исто така обезбедено е и згрижување на децата - за малите деца има посебен оддел.

Muslimisches Fitnessstudio Hayat
Фитнес-студиото „Хајат“ во КелнФотографија: Emine Aydemir

Многу жени кои доаѓаат во „Хајат“ за првпат во животот се во фитнес-студио. Повеќето од нив никогаш не спортувале, иако токму муслиманските жени имаат потреба од движење. „Ние готвиме со многу месо, нашите традиционални јадења за масни. Се појадува со децата, на пладне се јаде со пријателката, а навечер со сопругот. На викендите имаме гости или одиме на гости. А, да не се јаде е непристојно“, појаснува Емине Ајдемир. Без телесно движење жените брзо се здебелуваат, пред се’ ако не работат.

Исто така и атмосферата во „Хајат“ е поинаква отколку во другите фитнес-студија. Турска поп музика се меша со живите разговори меѓу жените, а тоа повеќе потсеќа на опуштена забава отколку на тренинг. „Ние станавме мало семејство“, вели 22 годишната Филиз Масас членка на „Хајат“. „Сите се познаваме, се шегуваме меѓу себе, си раскажуваме, а поред тоа и спортуваме“.