1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фискализација и данок за верските заедници

3 август 2011

Верските заедници во Македонија не се фискализирани. Такви обиди имаше пред четири години, но следеше бурна реакција од нивните лидери. Се бранат со уставната одвоеност од државата што значело и автономија во финансиите.

https://p.dw.com/p/129sn
Фотографија: AP

Државата, градејќи го финансискиот систем со години го стега обрачот. Се‘ помалку поединци, институции, фирми и здруженија се надвор од контролата на Управата за јавни приходи. На удар беа и верските заедници. Во преговорите со власта, победија нивните аргументи. Тие се повикаа на каноните и традицијата и одвоеноста од државата.

„Прашањето на фискализација беше актуелно и апсолвирано пред неколку години, кога на заедничка средба од страна на УЈП беа разгледани барањата на претставниците на петте уставни верски заедници (МПЦ, ИВЗ, Католичката црква, Еврејската заедница и Евангелско-методистичката црква). Едно од аргументите за изземање на верските заедници од фискализација беше дека верските објекти се финансираат токму од доброволните прилози на верниците кои не треба да се регистрираат како готовински плаќања.

Што се однесува пак до дејностите за кои верските заедници имаат регистрирано приватни компании или пак содружуваат во такви компании, тие подлежат на оданочување и на сите законски давачки, како претходно така и сега“ изјави за ДВ Весна Новаковиќ, портпарол на Управата за јавни приходи.

MPC
Седиштето на МПЦ во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

МПЦ ОА прифаќа фискализација кадешто тоа е можно

Портпаролот на МПЦ ОА владиката Тимотеј вели дека тие немаат ништо против фискализацијата каде што е можна :

„Ако ги земете парохиските свештеници кога на пример на Задушница извршуваат обреди по гробиштата, дали да носат во една рака фискална сметка, дали да носат кадалница или крст. Значи практично е неизводливо, како и при извршување на други чинови и потреби. За тоа е начелно договорено црквата, односно верските заедници за сите активности што ги извршуваат во црквите, манастирите и во круговите на своите имоти да не подлежат на фискализација. Сметам дека тоа треба да остане така. Но доколку МПЦ има други свои дејности сврзани со економско работење, како сите граѓани и институции би требало да плаќаат и тие“.

Високи тарифници, полни верски каси

Во јавноста често се коментираат високите тарифи кои верниците се принудени да ги ги плаќаат за обредите посебно во црквите. Дел од верниците негодуваат, а по блоговите се прават прости математики за наводно милионските суми и тоа во евра кои ги собираат верските заедници. На помош се повикува статистиката на новородени, венчани и починати, како и на лица кои секоја година заминуваат на аџилак. Верските лидери не кажуваат како, каде и за што завршуваат овие пари ?

Преговорите власт и верски заедници траат континуирано, деталите вешто се кријат. Државата сака да посегне по дел од финансискиот колач кој се крие зад вратите на верските објекти. При собирањето на персоналниот данок сега верските лица се поделени во три категории: градски, приградски и селски. Највисокиот годишен даночен паушал изнесува само дванаесет илјади денари.

Верските службеници плаќаат паушален персонален данок

„Исто така, во текот на јули оваа година беше остварена средба со претставниците на МПЦ, но овој пат во делот на плаќањето на персоналниот данок на доход, а со цел објаснување на начинот на персоналното оданочување на свештените лица согласно постојната даночна регулатива. На средбата беше побарано заеднички да се разгледаат и индивидуалните барања на десетина верски лица од три општини за паушално оданочување на свештениците според местоположбата и посетеноста на верскиот објект во рамките на постојниот Закон за персоналниот данок на доход“, додава Новаковиќ.

Mazedonien - Land und Leute
Исламска верска заедница во МакедонијаФотографија: DW

И во Македонија верски данок ?!

Останува нејасно како државата и верските заедници ќе ги измират побарувањата врз основ на данок на имот. Сигурно ќе оди тешко. Владиката господин Тимотеј вели:

„МПЦ се‘уште има голем дел побарувања од државата, а да не зборуваме за изминатите педесет години и имотот што најголем дел беше експроприран, злоупотребуван од рацете на државните луѓе. Оттука не гледам некој сега МПЦ дополнително да ја оптоварува со незнам какви даноци“.

За да се надмине меѓусебното надмудрување, добрите познавачи на односите меѓу државата и верските заедници прогнозираат дека и Македонија би можела во блиска иднина да воведе верски данок, по примерот на Германија или Хрватска и Бугарија во соседството.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска