1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финансиска криза: „АИГ“ - буре без дно?

3 март 2009

Рекордна загуба и нова државна помош за осигурителниот концерн „Америкен интернешенел груп“. „АИГ“ дејствува во повеќе од 100 земји од светот. Нобеловецот Штиглиц: „Парите за помош можеле да бидат подобро искористени“.

https://p.dw.com/p/H4XF
Седиштето на АИГ во ЊујоркФотографија: AP

„Америкен интернешенел груп“, водечки осигурителен концерн во светот, влегува во историјата и по неславниот рекорд: за 2008 година пријави загуба од 100 милијарди долари, од кои 62 милијарди само во последниот квартал, што е рекорд за едно претпријатие. Американската влада беше приморана веќе по четврти пат финансиски да му помогне на „АИГ“, за да се спречи домино-ефект во меѓународниот финансиски систем. Помошта овој пат изнесува 30 милијарди долари. Државата досега вкупно за спасување на концернот намени 180 милијарди. Едвард Лиди, кој лани во септември од страна на министерот за финансии беше назначен за шеф на „АИГ“, се обиде да даде образложение: „Не го спасуваме само ’АИГ‘ - со тоа што ќе го обезбедиме опстанокот на ’АИГ‘, ги штитиме нашите клиенти, се трудиме да не дозволиме тешката економска состојба да не стане уште полоша“, рече Лиди за телевизијата НБЦ.

Засегнати се и повеќе германски општини

Kabinett Gesetz zu Bankenenteignung, Bundesfinanzminister Peer Steinbrueck
Отпорано ја согледа опасноста што произлегува од кризата на АИГ: германскиот министер за финансии Пер ШтајнбрикФотографија: AP

„Америкен интернешенел груп“ дејствува во повеќе од 100 земји во светот, 74 милиони клиенти имаат склучено осигурување кај тој концерн. Меѓу нив се и повеќе германски општини, кои дел од својата инфраструктура ја продале на американски инвеститори, за веднаш потоа од нив да ја земат под наем. Таквиот бизнис, кој на обете страни им носи добивка преку даночни олеснувања, е осигуран кај „АИГ“. Многумина американски клиенти, како и германските општини, страхуваат од повисоки трошоци за склучување нови договори, доколку „АИГ“ пропадне. Поради тоа американската влада сака безусловно да го спаси концернот, а и други се на исто мислење. На пример, германскиот министер за финансии Пер Штајнбрик, кој лани во ноември предупреди дека била голема грешка што било дозволено да банкротира банката „Лимен брадерс“. „Најдраматичен случај, што го имав пред очи, кој веројатно тешко би не погодил и нас во Европа, беше ’АИГ‘. Тоа би имало уште подалекусежни последици, отколку од ’Лимен брадерс‘“, рече тогаш Штајнбрик.

Може ли „АИГ“ воопшто да опстане во сегашните услови?

Оттогаш состојбата во „Америкен интернешенел груп“ драматично се влоши. Јадрото на бизнисот, осигурувањето од сите видови, е здраво. Но, целото претпријатие го разниша одделот за финансиски услужни дејности. Тоа осигурувало финансиски продукти составени од дубиозни хипотекарни кредити.

Владата на претседателот Барак Обама очигледно страхува од катастрофални последици за севкупното стопанство на државата, ако „АИГ“ пропадне, па постојано уфрлува милијарди во него. Џозеф Штиглиц, добитник на Нобеловата награда за економија, смета дека е подобро парите да се наменат за директна помош на засегнатите од евентуалното пропаѓање на „АИГ“, наместо со нив да се одржува во живот концерн, кој можеби воопшто не е способен да опстане во сегашната ситуација на пазарот. „Сакаат ли американските даночни обврзници да ги спасат странските инвестиции? Можно е да се загрозени пензиските фондови. Некои ќе го преживеат тоа, други ќе имаат потреба од помош од државата. Но, тогаш директно таму да ги насочиме даночните пари, а не за намерата што ја следиме со ’АИГ‘“, вели Штиглиц.


Јенс Борхерс / З. Ј.