1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финале на Купот со тетовски бои

Златко Калински22 мај 2013

Шкендија и Тетекс се имињата, кои ќе го одбележат 21-то финале на фудбалскиот Куп на Македонија. Двата клуба од Тетово денеска во Скопје ќе играат за престижната титула.

https://p.dw.com/p/18buX
Фотографија: Petar Stojanovski

Градското ривалство меѓу Тетекс и Шкендија натпреварувачки денеска ќе кулминира. Клубовите соседи, првпат ќе го играат завршниот меч. Ниту еден од двајцата финалисти досега не победиле во Купот на Македонија. Шкендија беше финалист во 2006-та, а Тетекс во 2011-та година. Тетово е во исчекување на пехарот. Но, со какви славенички бои?

Славното македонско фудбалско име Артим Шаќири, како играч на Вардар двапати го освојуваше пехарот. Сега,како тренер на Шкендија вели дека е во поинаква позиција:

„Финалето е голем предизвик. Некогаш како играч ми беше некако полесно, мислев само на тоа како да дадам гол. Сега како тренер одговорноста е поинаква. Многу поголема , треба да се мисли како да се постави играта, како да се победи. Иста е само мотивацијата,а таа е исклучително голема.“

На спротивната страна, на клупата на Тетекс е Горазд Михајлов. Се прифати за тренерската обврска во моментите кога Тетекс беше со загубената битка за опстанок во Првата лига. Купот може да ги залечи првенствените рани:

„Ова е посебен момент за сите во Тетекс. За играчите, за клупското раководство, за мене. Натпревар, во кој се надевам дека ќе ја вратиме насмевката на лицата на сите во клубот.“

Mazedonien Fußballtrainer FC SkendijaTetovo Artim Sakiri
Артим ШаќириФотографија: Petr Stojanovski

Финале без изразит фаворит

Купот е специфично натпреварување, каде и да се игра. Со неочекувани резултати и победници. Шкендија на хартија е фаворит. Во врвот е на македонскиот фудбал. Но, Шаќири е внимателен:

„Убаво звучи фаворитската улога на Шкендија, но знам дека мали детали ги решаваат ваквите натпревари. Се игра еден натпревар без право на поправен испит. Еден добар потег или еден кикс може да донесе радост или тага. Според мене, фаворит во финалето, нема.“

Мечевите против Шкендија одсекогаш биле инспиративни за играчите на Тетекс. На последните два првенствени натпревари ја победија Шкендија со 2:1 и со 1:0. Михајлов е свесен за моментот:

Gorazd Mihajlov Fußballtrainer aus Mazedonien
Горазд МихајловФотографија: DW/Z. Kalinski

„ Отсекогаш играчите на Тетекс многу мотивирано влегуваат во дуелите против Шкендија. Двете победи во првенството од психолошки аспект значат, но ова е сосема поинаков натпревар. Шкендија е силна, таа е фаворит. Пресудни фактори за исходот ќе има многу. Играчите на двата клуба одлично се познаваат, тајни нема ... желбата, мотивираноста го носат пехарот.“

Навивачка тензија, безбедносни мерки

Во пресрет на финалето расте и навивачката тензија. Има индиции за навивачко обединување по национална основа. „Шверцерите“ и „Балистите“ за Шкендија , наспроти „Војводите“ потпомогнати од скопските „Комити“ со поддршка за Тетекс! Раководствата на двата клуба апелираат на спортско однесување, без навредливи, националистички испади.

Фудбалската федерација на Македонија е организатор на финалето. Генералниот секретар на ФФМ, Димитар Зисовски зборува за организационите мерки за финалето на Купот:

„Спецификата, тензичноста во дуелите меѓу овие два клуба ни налагаат овој натпревар да го третираме како ризичен и така ја поставуваваме целата организација. Финалето на Купот има третман сличен на мечевите на репрезентацијата на Македонија. Имаме постојана соработка со МВР и со агенциите за обезбедување. Правиме и медиумска кампања со повикување на сите учесници за фер-однесување. Очекуваме меѓу 5 и 8 илјади гледачи. Навивачките групи ќе бидат на спротивните трибини од стадионот. Засега имаме одлична соработка со раководствата на двата клуба, кои ветуваат добар однос,“-за Дојче веле вели Димитар Зисовски.